Дресот на Мајкл Џордан од третата средба во финалето на НБА во 1998 година може да стане најскапиот спортски дрес во историјата. Чикаго Булс тогаш ја совлада Јута Џез со 4:2 и ја освои шестата титула, а Џордан беше прогласен за МВП на финалето.
Во третиот натпревар, Булс славеше со неверојатни 96:54, односно со 42 поени разлика, што и денес е најубедливата победа во историјата на НБА-финалињата.
Дресот пред четири години го купил инвеститорот и актер Роб Гоф, по долга потрага и преку посредник. Сега тој решил да го продаде, а процените се дека би можел да достигне неверојатни 100 милиони долари.
Доколку тоа се случи, ќе биде најскапиот дрес носен на натпревар во спортската историја. Дресот има огромна историска вредност бидејќи потекнува од последната шампионска сезона на Џордан со Булс.
Во 1998 година, Чикаго ја освои втората „триплета“, односно третата последователна титула, а Џордан повторно беше главниот јунак. Тоа беше и последната шампионска титула на Булс во ерата на Џордан.











