Опасноста од пожари и понатаму останува. Нивниот број сè уште е многу висок. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во неделата вечерта било драматично во атарот на селата Урвич и Јеловјане, на територијата на Општина Боговиње, кога се доближил огнот до селото Јеловјане. Како сериозен и тежок, тој го издвои и шумскиот пожар кај селата Локов и Буринец, на територијата на Општина Струга. Избил пожар и во атарот на селото Селце, во близина на вештачкото езеро Мантово, на падините на планината Серта, на територијата на Општина Штип, каде што зафатил ниска вегетација
Опасноста од пожари и понатаму останува. Нивниот број сè уште е многу висок. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во текот на завчерашниот ден имало околу 26 пожари.
Вчеравечер било драматично во атарот на селата Урвич и Јеловјане, на територијата на Општина Боговиње, кога се доближил огнот до селото Јеловјане.
Благодарение на пожарникарите од Тетово, кои му помогнале на локалното население, огнот бил сопрен на самиот пат.
– Состојбата таму засега е стабилна. Огнот е под делумна контрола и не загрозува ниту едно населено место, ниту, пак, е зафатена квалитетна шума – изјави Ангелов.
Како сериозен и тежок, тој го издвои и пожарот кај селата Локов и Буринец, на територијата на Општина Струга. Станува збор за шумски пожар, а зафатена е неквалитетна шума, додека на некои места и грмушки, трње, но. како што истакна Ангелов. постои опасност тој да навлезе и во квалитетната шума.
– Поради тоа, се разгледува можноста да се употреби хеликоптер. На самото место се упатени екипи на ЈП „Национални шуми“, кои се обидуваат да дојдат до информации на кој начин да биде ставен пожарот под контрола – рече Ангелов.
Завчера попладне избил пожар и во атарот на селото Селце, во близина на вештачкото езеро Мантово, на падините на планината Серта, на територијата на Општина Штип, кој зафатил ниска вегетација.
– Штипските пожарникари, со поддршка на огнен тим на ДЗС, составен од пожарникари доброволци од Штип, се обидуваат да го стават пожарот под контрола. Таму е испратен и еден полициски хеликоптер, кој значително им помогна на пожарникарите еден крак од овој пожар да биде ставен под контрола. Очекувам тој да биде ставен под целосна контрола, а потоа и да биде целосно изгаснат – изјави Ангелов.
Тој очекува појава на нови пожари, поради што упати апел до граѓаните да бидат внимателни, бидејќи, како што кажа, доволна е само една искра да се случи катастрофа.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека на територијата на државава, вчера до 13:00 часот биле регистрирани 12 пожари на отворен простор.
Под контрола се пожарите во: селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, каде што горат нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат; во селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод, каде што се зафатени ниска вегетација и шума; над селото Палиград во Општина Зелениково, каде што гори мешана шума; селото Стиник во Општина Ново Село, каде што горат ниска вегетација и шума; селото Градец во Општина Виница, каде што е зафатена нискостеблеста шума; градската депонија „Острец“ во Општина Делчево, како и во селото Јеловјане во Општина Боговиње, каде што е зафатена ниска шума.
Изгаснат е пожарот во селото Бузалково во Општина Велес.
Битката за Пелистер е добиена
По 72 часа непрекината активност на терен и три непроспиени пеколни ноќи на линијата на огнот, битката за Пелистер е добиена.
Од Националниот парк „Пелистер“ велат дека станувало збор за еден од најкомплексните пожари оваа сезона на територија на Македонија, во шума каде што доминираат црн и бел бор и соодветно на тоа, следувала една од најкомплексните акции за гаснење пожар на отворен простор.
– И покрај неповолните временски услови на терен, акцијата беше успешна благодарение на перфектната и совршена координација на терен помеѓу сите институции што беа вклучени. Невозможното стана возможно затоа што единиците на НП „Пелистер“, ТППЕ Битола, ТППЕ Ресен, механизацијата на ЈП „Стрежево“ на Општина Битола, огнените сили на ДЗС, ДПД Архангел, ДПД Кочани, хеликоптерите на воздухопловниот ВИНГ на АРМ, „ер тракторите“ на ДЗС и големиот број приватни стопанственици и други доброволци беа непрекинато на терен, без ниту една пауза во текот на целото деноноќие – објавија од Паркот.
(А.П.)












