Ќе го видиме ли, конечно, економскиот бум?

Владата се пофали со инвестиции од 5-6 милијарди евра. Оваа сума, за економските експерти, е нереална и е предизборен маркетинг. Досега, како што констатираат некои од експертите, имало многу ветувања за инвестиции во повеќе милијарди евра, но не се реализирале. – Почнувајќи од милијардата на Васил Тупурковски-Циле од 1998 година, преку осумте милијарди на Никола Груевски од 2009, до осумте милијарди евра на Зоран Заев од 2021 година. Сите добро знаеме што се случи со сите овие бајки, па навистина не гледам зошто би било поинаку сега – изјави за весникот ВЕЧЕР економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ. Опозицијата обвинува дека, и по 10 месеци, Владата нема ниту еден сопствен капитален проект и продолжува со познатата практика на сликање покрај претходно започнати проект

773

Власта најавува нов бран странски инвестиции, кои ќе донесат од 5 до 6 милијарди евра во Македонија. Ова, како што велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ќе значи нови работни места за граѓаните и модернизација на државата. Економските експерти сметаат дека овие бројки се нереални и оти ова е само предизборен фолклор, бидејќи во Македонија, реално, нема простор за толку големи инвестиции. Досега, како што констатираат некои од експертите, имало многу ветувања за инвестиции во повеќе милијарди евра, но не се реализирале. Опозицијата обвинува дека, и по 10 месеци, Владата нема ниту еден сопствен капитален проект и продолжува со познатата практика на сликање покрај претходно започнати проекти.

Економскиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека бројките се нереални и оти, реално, Македонија нема простор за толку големи инвестиции.

– Реално, бројките се преоптимистички и кореспондираат со предизборниот период. Македонија се соочува со дефицит на квалификувана работна сила и со инвестиции во нови фабрики кои не носат дополнителна вредност. Потребни се инвеститори и компании што ќе ја апсорбираат висококвалификуваната сила и ќе ги натераат младите да останат тука, нудејќи им одлични услови, ама фабриките не го нудат тоа. Сето ова е предизборен фолклор, бидејќи, реално, Македонија нема простор за толку големи инвестиции – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии вели дека досега имало многу вакви ветувања, кои не се оствариле.

– Нашите политичари отсекогаш имале некаква чудна пасија да ветуваат милијарди евра инвестиции. Почнувајќи од милијардата на Васил Тупурковски-Циле од 1998 година, преку осумте милијарди на Никола Груевски од 2009, до осумте милијарди евра на Зоран Заев од 2021 година. Сите добро знаеме што се случи со сите овие бајки, па навистина не гледам зошто би било поинаку сега. Она што не ми е јасно е дали навистина мислат дека луѓето имаат толку кратка меморија или, пак, намерно излегуваат со истите фантастични ветувања за да пратат порака дека се исти како претходниците – изјави Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, откри дека Владата ќе се задолжи од 5,5 до 6 милијарди евра. Се очекува за околу две недели да биде склучен договор меѓу македонската Влада и Владата на една западноевропска земја, кој ќе значи повлекување средства што ќе бидат директно насочени кон реализација на инфраструктурни проекти.

Стојаноски не кажа од која држава ќе се земе кредитот, но рече дека условите се многу поволни и дека ова задолжување нема да го зголеми јавниот долг.

– Важно е дека со ова задолжување нема да се покачи јавниот долг, бидејќи кога ќе влезат сите тие средства во градежништвото, по економска логика, ќе бидат триплицирани за целиот тој обем. Како што ќе се инвестираат парите така ќе расте БДП, така што очекуваме со овие средства да се намалува јавниот долг – изјави Стојаноски.

Покрај за патишта, со парите ќе се градат и здравствени капацитети, а ќе стартува и брзата железничка пруга од Табановце до Гевгелија, која ќе вози до 160 километри на час.

Тука ќе бидат новата болница, односно завршувањето на клиничкиот центар, болницата во Штип, изградбата на нова болница во Кичево, како и реконструкцијата на операционите сали во неколку оддели во болницата во Тетово и започнувањето со градба на Коридорот 10, брзата трака, каде што карготранспортот ќе вози од 110 до 120 километри на час, а патничкиот – до 160 км на час.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека, по преговорите на Владата во текот на посетата на ОАЕ со странски инвеститори, најавени се нови проекти.

– Проекти на постојни локации во Охрид, откуп од сопствениците и две нови локации. Попова Шапка ски- центар, локација кај Касарната за обележје што нема да биде само обележје на Скопје и на Македонија туку и на регионот. „Чебрен“ и „Галиште“, но и друг тип објекти, соларни и нови ветерни централи, а институциите веќе се вклучени во процесите. Овој инвестициски бран е меѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот СДСМ обвинува дека, и по 10 месеци, Владата нема ниту еден сопствен капитален проект и продолжува со познатата практика на сликање покрај претходно започнати проекти.

– Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со познатата практика на сликање покрај проекти од претходната Влада на СДСМ. Последен пример е Кавадарци, каде што премиерот Христијан Мицкоски, членови на Владата и градоначалникот Јанчев се фалеа со проекти како што се  колекторскиот и канализацискиот систем во населеното место Моклиште, проекти што беа планирани, финансирани, започнати и во напредна фаза на реализација токму во времето на Владата предводена од СДСМ.

За реализација на капитални и инфраструктурни проекти, изминативе месеци општините аплицираа на два јавни повика на Владата, а средствата беа од унгарскиот кредит.

Според последните информации од Министерството за локална самоуправа, на вториот јавен повик аплицирале сите 80 општини.

Најголем дел од апликациите се за подобрување на патната инфраструктура, но има и проекти за заштита на животната средина, односно за уредување речни корита, тревни и парковски површини, како и за изградба и доградба на училишта и градинки.

(А.С.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ