Кам Витмор, новото крило на Денвер Нагетс, минатата сезона се соочил со најтешката битка во својот живот. Младиот американски кошаркар, кој има само 22 години, за малку ќе ја завршел кариерата поради сериозен здравствен проблем, а во еден момент стравувал и за сопствениот живот. Денес, по долг и тежок период на закрепнување, повторно е подготвен да се врати на паркетот и да заигра покрај Никола Јокиќ.
Сè започнало кон крајот на декември, минатата година, кога кај Витмор, тогашен член на Вашингтон Визардс, била откриена венска тромбоза во десното рамо. Поради згрутчување на крвта, лекарите му забраниле да игра кошарка, што претставувало огромен удар за младиот талент, избран како 20. пик на НБА-драфтот во 2023 година.
- Тоа дефинитивно беше мрачен момент во мојот живот. Бев малку депресивен, признал Витмор по потпишувањето за Денвер, откривајќи колку тешко му паднала неизвесноста околу неговата иднина.
Причината за проблемот била уште понеобична. Неговите ребра ги притискале крвните садови и го попречувале нормалниот проток на крв, што довело до создавање тромб. За да се реши проблемот, лекарите морале да извршат шестчасовна операција, при што едно од ребрата му било отстрането.
По операцијата, следувале месеци на закрепнување, терапии и инјекции за разредување на крвта. Враќањето на кошаркарскиот терен било бавно и неизвесно, а Витмор морал да покаже огромно трпение за да ја достигне повторно потребната физичка подготвеност.
Сепак, еден детаљ од болничката соба останал длабоко врежан во неговото сеќавање. Кога се разбудил од анестезијата, лекарите му го покажале изваденото ребро, ставено во пластична ќеса.
„Дали тоа во ќесата е моето ребро?“, прашал кошаркарот, изненаден од глетката. Откако дознал дека лекарите немаат намера да го задржат, решил да го земе со себе дома. Така, дел од сопственото тело го претворил во необичен сувенир и потсетник на една од најтешките битки што ги водел.
Здравствените проблеми, сепак, не биле единствените пречки во неговата кариера. Уште во средното училиште „Арчбишоп Сполдинг“, Витмор доживеал тешка отворена фрактура на ногата, при која коската ја пробила кожата. По обидот прерано да се врати на теренот, состојбата му се влошила и повторно морал да паузира.











