Собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го прифати предлогот на законот за ратификација на договорот меѓу владите на Македонија и на Бугарија во врска со подготовката, изградбата и со оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел и го достави предложеното законско решение на усвојување во Собранието.
Со овој договор се уредуваат техничките, финансиските и организациските прашања поврзани со подготовката, изградбата и со оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел.
Крум Ефремов, директор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, рече дека договорот ќе создаде позитивни политички и економски предуслови за поголема трговска и за индустриска соработка меѓу двете земји и ќе овозможи оперативно функционирање и на граничниот премин и на активностите во делот на одржувањето на овој тунел. Откако ќе биде ратификуван договорот од пратениците, ќе може да се започне и со конкретни активности.
Предлог-договорот ја отвора можноста за изградба на тунел долг 2.383 метри, од кои 1.193.70 метри се на бугарска територија, а 1.189.30 метри на територијата на Македонија. Тунелот практично ќе ја поврзе железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево –граница со пругата од граница – Крива Паланка – Бељаковци – Куманово – Скопје.
Со договорот се отвора пат за финална проектна документација и за тендери за изведба на прекуграничниот објект. Очекувањата на двете влади се дека новата подземна врска ќе ја скрати транзитната временска дистанција меѓу Софија и Скопје, ќе ги зголеми товарниот и патничкиот капацитет и ќе ја консолидира улогата на Коридорот 8 во регионалната и во европската логистика. Во практика, тоа значи побрзи маршрути за бизнисите и стабилна рамка за нови инвестиции долж оската Исток – Запад.
Пратеникот Антонијо Милошоски го поздрави постигнувањето на овој договор и се заблагодари за пријателскиот ангажман во посредувањето за постигнување на овој договор на претставниците на Француската Република, кои вложиле несебичен напор тој да биде постигнат.
(С. Бл.)












