Додик: Јас сум сè уште претседател на РС, Прањиќ потпишува декрети само од технички причини

75

Лидерот на владејачката коалиција во Република Српска (РС), Милорад Додик, денес изјави дека тој е сè уште претседател на РС, избран на демократски избори по волја на народот, и дека не може да се бори против таа волја со судски одлуки, објави „Бета„.

Додик, гостувајќи во Утринската програма на Радио Телевизија РС (РТРС), рече дека потпретседателот на РС Давор Прањиќ, Хрват, претходно потпишал декрети за донесување закони и одлуки, и дека, како што нагласи, ќе продолжи да го прави тоа исклучиво од технички причини.

„Да го потпишев декретот, ќе рекоа дека го прекршувам и ќе побараа ново судење. Во Сараево чекаат формална причина повторно да ме турнат на суд, тврдејќи дека ги прекршувам одлуките што се незаконски“, рече тој.

Според него, не смее да има одложување во донесувањето на законските акти и дека потпретседателот на РС ќе го стори тоа.

Тој нагласи дека ќе продолжи да ги извршува сите претседателски должности.

„Мора да останеме слободни да се бориме против неправдата. Република Српска функционира, Милорад Додик ќе ги извршува задачите на претставување на српскиот народ секој ден, со повеќе енергија отколку порано“, рече тој.

Потпретседателот на РС, Давор Прањиќ, неодамна потпиша указ со кој се прогласуваат измени на Законот за полиција и внатрешни работи, врз основа на одлука со која, како што е наведено, бил овластен од претседателот на РС Милорад Додик.

Претставниците на опозициските партии во РС оценија дека со пренесувањето на претседателските овластувања на Прањиќ, потпретседателот од хрватската заедница, Додик официјално ја признал пресудата на Судот на БиХ, поради што Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ му го одзеде мандатот на претседател на овој ентитет на БиХ.

Тие, исто така, го покренаа прашањето за легалноста на преносот на овие овластувања, со оглед на тоа што Додик е трајно спречен да врши функција, бидејќи е под санкција што го спречува да се врати на функцијата до крајот на неговиот мандат.

Според Уставот на РС, преносот на овластувањата на претседателот на Република Српска на еден од потпретседателите е можен само во случај на „привремено спречување“ во вршењето на неговите должности.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) му го одзеде на Додик мандатот на претседател на РС врз основа на конечна пресуда на Судот на БиХ, со која го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради неспроведување на одлуките на високиот претставник.

ИЗДВОЕНИ