Сега времето е најопасно. Русија може да користи нуклеарно оружје, Северна Кореја може да користи, Кина може да користи. А претседателот Трамп – тој е само целосен хаос. Апелираме за свет без војна и без нуклеарно оружје, но тие не слушаат. Ова е пораката на 83-годишниот Тошијуки Мимаки од Хирошима, кој имал три години кога паднала над неговиот град првата атомска бомба и кој денеска е застапник за нуклеарно разоружување и добитник на Нобеловата награда за мир, преку својата невладина организација. Првата атомска бомба била фрлена над Хирошима, на 6 август 1945 година, а три дена подоцна, на 9 август иста таква бомба го уништила и Нагасаки. До крајот на 1945 година, бројот на мртви во двата града пораснал на околу 210.000 и до ден-денес не е познат точниот број на оние што починале во следните години од рак и од други последици
Апелираме за свет без војна и без нуклеарно оружје, но тие не слушаат, вели за „Скај њуз“ 83-годишниот Тошијуки Мимаки од Хирошима, кој имал три години кога паднала над неговиот град првата атомска бомба и кој денеска е застапник за нуклеарно разоружување и добитник на Нобеловата награда за мир, преку својата невладина организација.
Ова е тажна недела за Јапонците. Пред 83 години, на 6 август, Американците фрлиле атомска бомба врз Хирошима, а три дена подоцна, на 9 август, иста таква бомба го разорила и Нагасаки. Тоа било прв пат да биде употребено нуклеарно оружје во војна и се памети како еден од најстрашните настани во историјата на војувањето. Се проценува дека бомбата во Хирошима убила повеќе од 70.000 или една петтина од населението уште во првите секунди. Подоцна бројот на загинати од зрачењето се искачил на 140.000. Експлозијата предизвикала жешка печурка и облак од прав, кои можеле да се видат на оддалеченост од 560 километри. Температурата од 4.000 Целзиусови степени што ја ослободила бомбата стопила сè пред себе и срамнила со земја две третини од градот.
Втората бомба, која ја фрлиле САД врз Нагасаки три дена подоцна, довела до безусловно предавање на Јапонија и до крај на Втората светска војна. До крајот на 1945 година, бројот на мртви во двата града пораснал на околу 210.000 и до ден-денес не е познат точниот број на оние што починале во следните години од рак и од други последици.
На 80-годишнината од бомбардирањето, Мимаки, кој вели дека до крајот на животот ќе се бори за нуклеарно разоружување, пренесува порака до светот, а особено до оние што водат војни.
– Сега времето е најопасно. Русија може да користи нуклеарно оружје, Северна Кореја може да користи, Кина може да користи. А претседателот Трамп – тој е само целосен хаос. Апелираме за свет без војна и без нуклеарно оружје, но тие не слушаат – вели тој.
За „Скај њуз“, тој раскажува и како го доживеал и преживеал тоа застрашувачко, разорно бомбардирање.
– Она што го паметам е дека тој ден бев надвор и си играв. И потоа се појави блесок. Бевме на 17 километри од хипоцентарот. Не слушнав експлозија, не слушнав звук, мислев дека е молња. Попладнето, луѓето почнаа да доаѓаат во голем број. Едни со целосно разбушавена коса, искината облека, други со чевли, трети без чевли и бараа вода – се сеќава тој.
Додава дека неговиот татко не си дошол од работа четири дена, а преживеал благодарение на тоа што му било работното место во подрум. Кога излегол од подрумот, Хирошима веќе не постоела.
Мимаки вели дека и сега, 80 години подоцна, луѓето страдаат од ефектите на зрачењето.
– Сè уште се случува тоа, дури и денес. Луѓето сè уште страдаат од ефектите на зрачењето, тие се во болници. Многу е лесно да се добие рак, можеби и јас ќе добијам рак, тоа е она што ме загрижува сега – посочува тој.
Хибакуше е називот што им го дале Јапонците на луѓето погодени од атомската бомба. А тие со сите сили се труделе да го скријат тој статус, зашто не биле сожалувани, туку жигосани од општеството. Тогаш немало познавања за ефектите на зрачењето, па тие луѓе биле изолирани, не им била давана работа, брачните партнери ги напуштале. Поради тоа што криеле дека се хибакуше, и денеска, на стари години, тешко го остваруваат правото на финансиска помош што им следува. А, освен видливи лузни, тие до ден-денес имаат и лузни на психата. Страдаат од ПТСН и имаат проблеми со менталното здравје. Многу хибакуше избрале никогаш да не зборуваат за она што го виделе тогаш и да живеат со вината што преживеале. За Мимаки, таа вина е присутна кога ја раскажува приказната за тоа како се разболеле тој и друго девојче на негова возраст од она за што сега се верува дека е труење со зрачење.
– Таа умре, а јас преживеав – вели тој со тешка воздишка.
Мимаки му го посвети својот живот на активизмот во организацијата на преживеани од атомската бомба, наречена „Нихон Хиданкјо“, чии членови ја добија Нобеловата награда за мир во 2024 година. Но, и покрај ваквите активисти, денес девет земји во светот поседуваат вкупно околу 12.000 нуклеарни боеви глави.
– Никогаш не знаете кога би можеле да ги употребат. Русија – Украина, Израел – Газа, Израел – Иран, секогаш некаде се води војна. Зошто ова животно наречено човек толку многу ја сака војната? Постојано го кажуваме тоа, постојано им укажуваме, но тоа не допира до нив, веќе 80 години никој не слуша. Ние сме хибакуше, мојата порака е дека никогаш повеќе не смееме да создадеме нови хибакуше – вели Мимаки за „Скај њуз“.
Јапонија досега е прва и единствена жртва на атомски бомби. Бомбата што падна над Хирошима и над Нагасаки била правена шест години во САД, во тајниот „Проект Менхетен“. Наредбата за фрлање на атомските бомби тешки 15 километри над јапонските градови ја дал американскиот претседател Хари Труман. Бомбардерот Б-29 – „енола геј“ од кој биле фрлени, денес е изложен во Музејот на авијацијата на аеродромот Далес во близина на Вашингтон.