Двете средби што ги имаше премиерот Христијан Мицкоски завчера со лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Тарвари, и со тројцата лидери на коалицијата Вреди не донесоа одговор на дилемата дали ќе следува престројување во владините редови. Владините извори, по средбата на Мицкоски со Тарвари, брифираа дека таа поминала во конструктивна атмосфера, а министерот за здравство добил рок до крајот на месецов да се изјасни дали ќе соработува со ДУИ или ќе остане дел од владината коалиција. Истите извори синоќа соопштија дека и средбата на премиерот со лидерите на коалицијата Вреди, Биљал Касами, Изет Меџити и Зеќирија Ибрахими, поминала конструктивно.
– Се разговараше за сите реформски прашања, силно се уважува волјата на граѓаните за реформи, борба против корупцијата и за промени на системот што го оставија ДУИ и СДСМ. Граѓаните нема да бидат разочарани. Разговорите продолжуваат – соопштија владините извори.
Во краткиот брифинг воопшто не беше споменато како реагирал премиерот на клучното барање со кое дошле тројцата лидери во владините простории: да се расчисти статусот на АА на Таравари. Наспроти ова, тројцата лидери, Касмаи, Меџити и Ибрахими, по средбата со премиерот, споделија соопштение на социјалните мрежи, во кое нагласуваат дека „заврши непринципиелната политика на две столчиња, каде што не се знае кој е сојузник, а кој противник“.
– Вреди нема да дозволи ДУИ да се врати во оваа Влада, дури ни низ задната врата. Ниту преку нејзините врски ниту преку оние што се лошо фатени во мрежата на олигархијата на криминалот и корупцијата. Партнерството со Вреди не е засолниште за оние што ги прикриваат врските со криминалот со лажен патриотизам и со измислена виктимизација – порачаа од редовите на коалициските партнери, кои се во фаза на обединување во една партија.
Но, сепак, и покрај ова и сите други соопштенија, нема одговор на клучното прашање што ќе следува во иднина и дали се согласиле лидерите на Вреди да почекаат до крајот на месецов за да се изјасни Таравари. Од молкот на премиерот Мицкоски може да се заклучи дека тој сè уште му дава шанса на Таравари за да го убеди дека нема да соработува со ДУИ на локалните избори и како го замислува самостојниот настап на АА во трката за градоначалници и за општински советници. Односно со кого би соработувал тогаш.
Но, истовремено, наредните недели сигурно ќе се искористат за најголемата владејачка партија да направи анализа и проценка како би функционирале Владата и парламентарното мнозинство. Познато е, во случај на заминување на дел од АА на Таравари, кој има петмина пратеници, од редовите на власта во стројот на опозицијата парламентарното мнозинство од 78 би се намалило на 73 пратеници. При ова, бројот на етнички Албанци во тоа мнозинство би бил само 9, колку што ќе останат во редовите на Вреди. Тоа значи дека во редовите на опозицијата би имало 22 етнички Албанци. Тоа, во Собранието, би можело да создаде блокада при носењето на законските акти што се усвојуваат според Бадентеровиот принцип. Односно ќе води кон натамошно зголемување на и онака силниот притисок од ДУИ и нејзината коалиција Европски фронт, со кој ќе се тврди дека Владата и мнозинството немаат етнички легитимитет во претставувањето на втората најголема заедница во земјава. Практично, сè повеќе ќе јакнат барањата на ДУИ за одржување предвремени парламентарни избори, а чиј исход сега го чека ВМРО-ДПМНЕ за да види дали ќе треба да излезат граѓаните, во блиска иднина, на ново гласање за пратениците.
Од редовите на најголемата владејачка партија деновиве изјавуваат дека владиното и парламентарното мнозинство се стабилни. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, изјави дека не е загрозено функционирањето на владината коалиција. Но тој ја отвори и дилемата околу другите можни сценарија.
– Излегувањето на тие пратеници од АА на Таравари, колку и да бидат, не сум сигурен дека ќе бидат сите петмина, нема да го загрози функционирањето на коалицијата. Не сум сигурен дека сите петмина ќе излезат, бидејќи, повторно кажувам, има личности што имаат реноме и што сакаат да се согласат со принципите и вредностите на коалицијата – потенцира Стојановски.
И собранискиот координатор на деветчлената пратеничка група на Вреди, Беким Ќоку, рече дека тие „и натаму соработуваат со петтемина пратеници на АА на Таравари“.
– Нашиот политички субјект сега има деветмина пратеници, но нормално дека се добредојдени и другите пратеници. Ние продолжуваме да имаме добри односи со пратениците на АА, бидејќи бевме, заедно, дел од една група, сме воделе заедничка битка во Парламентот, но и претходно. Пратениците што се на мислење да се продолжи со борбата против корупцијата, криминалот и црните листи, се добредојдени да ја продолжат битката против овса криминогена структура – изјави Ќоку.
Од редовите на АА на Таравари досега немаше коментар за ваквите најави дека е можно преминување пратеници или, пак, останување на нивните министри во владините редови. Нивниот координатор, Халил Снопче, неодамна само изјави дека без нивните пратеници, парламентарното мнозинство „ќе биде нестабилно“.
– Без разлика што ќе има Владата бројки и без Алијанса за Албанците, таа Влада ќе биде нестабилна со само деветмина албански пратеници. Ќе има потреба од нови парламентарни избори – рече Снопче. (Б. Ѓ.)