Независните кандидати решија да не го чекаат конечното дефинирање на условите за нивно кандидирање на локалните избори и веќе почнаа да ги објавуваат своите намери да учествуваат на градоначалничките трки. Само вчера беа објавени намери за три кандидатури – за градоначалник на Скопје, како и за градоначалници на скопската општина Центар и за Куманово. Со ова почнуваат да се остваруваат предвидувањата дека на октомвриските локални избори ќе има зголемен број кандидати од редовите на граѓанските организации. Со тоа се наметнува и прашањето дали ваквите кандидатури може да ги нарушат плановите на големите партии со нивните кандидати во одделни општини. Во меѓувреме, од Министерството за правда сè уште нема информации за тоа каков став ќе имаат правните експерти околу начинот на кандидирање на независните кандидати.
Експретседателката на Државната изборна комисија, Билјана Ивановска, денеска објави дека ќе влезе во таа трка како претставник на три граѓански организации, како нова платформа, „Независни заедно“. Тие се во процес на собирање илјада потписи на граѓани за да се формираат како политичка партија.
– Ќе се борам да внесам во Општина Центар нови стандарди и вредности и особено стандардот 3 – 30 – 300. Тој стандард значи дека секој граѓанин, кога ќе стане, од својот прозорец ќе може да види три дрвја, на секој жител да има 30 квадратни метри зеленило и на 300 метри да има парк. Ние сега сме далеку од тоа, но барем некако да се доближиме – рече Ивановска за еден од своите планови.
Ивановска нема да губи време со напади, ќе се фокусира на три приоритети
Ексантикорупционерката Ивановска очекува поддршка од сите граѓани и најави дека ќе има три приоритети за Општина Центар.
– Мојата кампања ќе се базира на три столба. Првиот столб се одговорност, отчетност и транспарентност, бидејќи Општината им припаѓа на сите граѓани. Секој граѓанин треба да знае какви политики се креираат. Вториот столб е инкузивност, бидејќи секој граѓанин е важен, како и неговите индивидуалност и креативност. Третиот столб се заедништво и солидарност, бидејќи веруваме во управувањето со вредности, а не во управувањето со профит – потенцира Ивановска.
На новинарско прашање од која категорија гласачи ја очекува поддршката, со оглед на тоа што ќе се води голема изборна битка во оваа општина меѓу кандидатот на СДСМ и на движењето ЗНАМ, таа одговори дека очекува поддршка од сите.
– Очекувам поддршка од сите граѓани што ќе препознаат чесно управување со Општината и што во мене ќе препознаат личност што ќе се бори за интересот на граѓаните, а не за профитот и интересот на поединецот. Кампањата ќе ми биде насочена кон барањето решенија и нема да се занимавам со напади на поединци, тоа е губење време – објасни таа.
Актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, веќе ја доби поддршката од својата партија, СДСМ, за учество на трката по нов мандат. Негов противкандидат од редовите на ЗНАМ сè уште не е номиниран, но во владината коалиција е веќе договорено дека тој ќе ја има поддршката од владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, преку нејзините избирачи. Како кандидат за оваа функција, во јавноста последниве недели се споменува Мирослав Лабовиќ. Но, останува прашањето дали учеството на Билјана Ивановска може да ги наруши калкулациите на двата големи политички блока.
Ексдиректор на „Водовод“ ќе ја бара довербата од кумановци
Независен кандидат ќе има и на градоначалничката трка во Општина Куманово. Таму, Горан Стојковски, кој моментно работи во Секторот за урбанизам на Општина Куманово и кој два мандата беше директор на ЈП „Водовод“, соопшти дека планира да му го стави крајот на „хаосот во кој се наоѓа градот“. Тој, заедно со носителот и дел од кандидатите за советници, ја презентираше кандидатурата во име на граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“. На прашањето на кои гласови смета, со оглед на тоа што дел од тимот се поранешни членови на политички партии, Стојковски одговори дека луѓето со него им се лојални на идејата и на граѓаните, а не на партијата.
– Сакаме со градот да менаџираат луѓе што се докажале во својата професија. Типуваме на гласовите на секој кумановец што сака ред, на секој граѓанин што ги гледа својата иднина и иднината на своето семејство тука – рече Стојковски, кој беше директор на водоводното претпријатие во времето кога Зоран Дамјановски-Циц од СДСМ беше градоначалник.
Инаку, веќе е познато дека во трката за Куманово влегуваат актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски од ЗНАМ, и организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.
(Не)партиски кандидат и за Град Скопје
Нов учесник на трката ќе има и за градоначалник за Скопје. Јана Белчева од „Шанса за Центар“, која е дел од идната партија Независни заедно, која собира граѓански потписи за регистрација, вчера соопшти дека имаат таков план.
– Интересот на граѓаните за собирање потписи е голем и се надеваме дека ќе успееме да ги собереме потписите во законскиот рок. А, ќе имаме и кандидат за Скопје и неговото име наскоро ќе го соопштиме.
Неофицијално дознаваме дека и во редовите на граѓанската организација „Независни за Карпош“ размислуваат, покрај граѓанска листа за советници, да предложат и свој кандидат за градоначалник на Карпош. Таму, инаку, се очекува голем дуел меѓу Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Маја Мојсова од СДСМ, но и се очекува одлуката на актуелниот градоначалник, Стевче Јакимовски, дали повторно ќе се кандидира.
ДИК неодамна соопшти дека кандидатите на граѓанските организации не треба да собираат потписи на граѓаните и дека наскоро ќе објави упатство за начинот за нивно кандидирање. Но, дел од правните експерти го оспорија правото на ДИК така да го толкува Изборниот законик, по што сега се чека ставот на Министерството за правда. (Б. Ѓ.)
Уставниот суд отвори предмет за владината одлука за бројот на членови во општинските совети
Уставниот суд отвори предмет по две иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на одлуката со која Владата на 24 септември 2024 година го утврди бројот на членови на советите на општините. Според таа одлука, во неколку општини во земјава значително се намали бројот на советници. Првата иницијатива е од Скендер Реџепи, според кого оспорената одлука создава правна несигурност, бидејќи Владата ја донела без законско овластување.
– Во иницијативата се наведува дека извршната власт не може да го одредува бројот на членови во советот на општините, спротивно од официјалните податоци добиени од пописот во 2021 година – соопшти Уставниот суд.