Димитриеска-Кочоска: Силните институции се вистинскиот мотор на одржливите промени

20

Силните институции се вистинскиот мотор на одржливите промени. Тие ја претвораат визијата во резултати, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на завршната сесија на Годишниот состанок на Управниот одбор на CEF-форумот одржан во Бечиќи, Црна Гора.

Министерката нагласи дека институционалниот развој не е дополнување на реформите, туку нивна основа.

– Јавните институции мора да бидат стратешки ориентирани, да дејствуваат со интегритет и да реагираат агилно на предизвиците, особено во управувањето со јавните финансии. Нашата способност да спроведеме реформи не зависи само од стратегиите и од акциските планови туку и од капацитетот и отпорноста на институциите што ги спроведуваат тие промени – посочи Димитриеска-Кочоска.

Таа потенцираше дека Министерството за финансии го поставило институционалниот развој во сржта на својата реформска стратегија со формирањето на Академијата за јавни финансии, што е доказ за таа посветеност.

На Форумот, Димитриеска-Кочоска ја истакна и важноста на регионалниот дијалог и на заедничкото учење, при што упати благодарност до меѓународните партнери за нивната поддршка преку техничка помош, советување и програми за градење капацитети.

Министерката упати и особена благодарност до Управниот одбор на CEF за довербата и лидерството, по повод преземањето на претседателството со Управниот одбор од страна на Република Северна Македонија, се нагласува во соопштението на Министерството за финансии.

ИЗДВОЕНИ