ДИЛЕМИ ОКОЛУ ПОБЕДНИКОТ НА ОКТОМВРИСКОТО ГЛАСАЊЕ: Ќе го решат ли Македонците победникот во албанскиот блок?

90

Битката за победник во албанскиот политички блок на претстојните октомвриски локални избори, барем што се однесува на бројот на освоени градоначалнички места, во голема мера ќе се најде во рацете на етничките Македонци. Лесно може да се извлече ваков заклучок доколку се види и спореди етничката структура на населението во одредени општини во кои значително доминира населението од албанската етничка заедница. Увидот во резултатите од пописот на населението во 2021 година укажува дека во најмалку осум општини во западниот дел од државата, за освојување на градоначалничката функција, многу важни ќе бидат гласовите на по неколку илјади етнички Македонци. Односно, нивните гласови ќе станат клучни доколку се покажат како точни сегашните анкетни истражувања според кои постои тесна разлика во расположението на гласачите Албанци да гласаат за коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, или за опозициската коалиција „Европски фронт“, предводена од ДУИ. Од двете групации најавуваат решавачка изборна битка, која практично треба да одговори на прашањето која од нив го има легитимитетот за претставување на албанската етничка заедница во власта.

Но, при ова, постојат и дилеми околу тоа кој критериум ќе се земе за тоа која од двете коалиции ќе може да се чувствува како победник на локалните избори – дали бројот на освоени гласови на советничките листи или, пак, бројот на освоени градоначалнички места. Актуелниот вицепремиер и еден од лидерите на „Вреди“, Изет Меџити, неодамна изјави дека, за нив, ќе биде важно освојувањето што повеќе градоначалнички места. Од друга страна, и меѓу политичките аналитичари постојат поделени гледишта околу тоа кој критериум треба да се земе за некоја од двете коалиции да се доживее како победник во националниот изборен кампус.

Пописните податоци од пред четири години, кои го покажуваат бројот на резидентно население што живее во општините, укажуваат дека гласовите на етничките Македонци може да станат клучни за изборот на најмалку осуммина градоначалници во општините каде што се Албанците во мнозинство. Се работи за општините: Тетово, Гостивар, Струга, Дебар, Долнени, Чашка, Теарце, како и скопски Чаир. Така, на пример, пописот покажува дека во Тетово, меѓу вкупно 84.770 жители, има 60.460 граѓани што се изјасниле како етнички Албанци и 15.529 како етнички Македонци. Во Струга има вкупно 50.980 жители, од кои 25.785 се Албанци, а 14.900 Македонци. Во случајот на Гостивар, се чини, покрај гласовите на Македонците, ќе бидат клучни и гласовите на етничките Турци, бидејќи, меѓу вкупно 59.770 граѓани, има 33.076 Албанци, 12.807 Македонци, но и 7.597 Турци. Во Теарце, пак, гласовите на 2.114 Македонци може да станат клучни при изјаснувањето и на 14.704 Албанци. Слична е ситуацијата и во скопски Чаир, каде што има 42.180 Албанци и 5.357 Македонци, но и во Долнени, каде што има 4.442 Албанци и 3.831 етнички Македонец.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека во владината коалиција е пред конечен договор меѓусебната поддршка на владините партнери за избор на градоначалници.

– Јасно е дека владините партнери ќе имаат свои советнички листи, а логично е во одредени општини, би рекол во сите општини, да се поддржуваме едни со други во делот на градоначалниците бидејќи сме владина коалиција – најави Мицкоски.

Така, пописот покажува дека постојат и општини во кои гласачите од албанската етничка заедница, во кои се застапени во помал процент, значително може да влијаат на изборот на градоначалник предложен од некој од македонските блокови од власта и од опозицијата. Во Куманово, на пример, по клучното влијание на гласовите на 54.741 етнички Македонец, клучна улога може да имаат и гласовите на 25.493 етнички Албанци. Во Гази Баба има 45.242 етнички Македонци и 14.095 етнички Албанци, во Петровец 4.609 Македонци и 1.676 Албанци, во Јегуновце – 4.746 Македонци и 3.464 Албанци, во скопската општина Бутел 17.011 етнички Македонци и 14.095 Албанци, во Крушево – 4.316 Македонци и 2.464 етнички Албанци…

Политички аналитичар Џелен Незири, меѓутоа, смета дека за прогласување на нечија изборна победа, најважни треба да бидат гласовите добиени за партиските советнички листи.

– Гласовите за советничките листи се реален индикатор за позицијата на една партија во нашиот политички пејзаж. Додека кај кандидатите за градоначалници се гласа за личност, која може да собере повеќе или помалку гласови од партијата, за советничката листа се гласа за партија. Кај албанскиот политички кампус, исходот од гласањето за составот на советите ќе покаже која групација го има легитимитетот да ги претставува Албанците во Владата. Иако не се парламентарни избори, сепак, ќе ја одредат натамошната политичка динамика, при што ќе бидат силна основа за протежирање на партиските наративи, сè до наредните парламентарни избори, било да се предвремени или регуларни – потенцира Незири за весникот ВЕЧЕР.

Меѓутоа, наспроти ова, аналитичарот Џенур Исени смета дека бројот на освоени градоначалнички функции треба да го определи победникот.

– Советничките листи може да бидат индикативни, но победата во општините е она што навистина тежи. Затоа, конечниот суд за „победникот“ во албанскиот политички блок, сепак, треба да произлезе од бројот на освоени општини, тука се мери реалната поддршка и влијание – наведува тој во изјавата за весникот  ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)

Кичевска специфичност

Интересна битка, се чини, ќе се води во Кичево, каде што решавачки може да станат гласовите од турската етничка заедница. Во овој град, во текот на пописот пред четири години, беа преброени вкупно 39.669 жители, од кои 16.373 се изјаснија како Албанци, а 16.020 како Македонци. Но, уште 2.553 граѓани се декларирале како етнички Турци, и тие може да ја имаат клучна улога во изборот на градоначалник.

ИЗДВОЕНИ