Најголемата еколошка акција во државата „Генералка викенд“ не помогна да остане чиста околината на скопскиот Аквадукт. Иако почна оттаму, изгледа дека не успеа да повлијае на свеста на граѓаните да се откажат од несовесното сквернавење на природата, особено што ова место е прогласено за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита и би требало да стане туристичка атракција.
И по повеќе од еден месец, откако просторот беше исчистен од над 250 волонтери, тој повторно е претворен во буниште, дива депонија каде што можат да се видат остатоци од градежен шут (цигли, железни шипки). Очигледно е дека некому ништо не може да влијае на неговиот однос кон природата и на тоа дека доколку се грижиме за неа и придонесуваме за здрава животна средина тоа ќе ни се врати со двојна добрина, но и трудот на другите со чистење и собирање на сметот да покажат како треба да постапуваме.
Слична е ситуацијата и на останатите локации каде што пред еден месец се спроведе најмасовната еко-акција „Генералка викенд“ ,во која учествуваа рекорден број од 55.627 волонтери, а биле собрани над 645 илјади килограми отпад.
Според сумираните резултати, во тридневната акција биле вклучени повеќе од 600 владини и невладини организации и институции, со логистичка и партнерска поддршка од голем број компании, обединети во заедничка цел за почиста и поздрава Македонија.
-Како Влада и како Министерство за животна средина и просторно планирање ги поддржуваме сите акции во кои се покажува силна иницијатива, јака волја, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. Министерството активно работи на воспоставување на системот на интегрирано и одржливо управување со отпадот – изјави министерот за животна средина, Изет Меџити.
Почнувајќи од 2021 година па досега, во еко-акцијата „Генералка викенд“ учествувале над 100.000 волонтери, а собран е повеќе од 1,5 милиони килограми отпад“.
-Секоја активност што го заштитува животниот простор влијае и на подобрувањето на квалитетот на производите што ги добиваме од природата. Ние сме посветени на продолжување на поддршката на вакви иницијативи кои имаат долгорочен ефект на општеството и животната средина – изјави Борче Серафимовски, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамките на овие акции за пошумување, само во изминативе четири години биле засадени над 125.000 садници на различни голи локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
По повод петгодишниот јубилеј на „Генералка Викенд“ од денеска започна патувачка изложба – „Пет години Генералка Викенд“, која ќе биде поставена во сите ЕУ Хаус центри во земјата. Патувачката изложба започнува во Тетово, а потоа ќе патува во Струга, Битола, Струмица, Велес, Крива Паланка, и ќе заврши во Скопје, во ноември годинава.
„Генералка Викенд“ е најголемата и најмоќна граѓанска еко-акција во земјава, која ги поврзува институциите, граѓаните, младите, компаниите и медиумите во заедничка мисија – живот во чиста, здрава и зелена Македонија.
(А.П.) Фото: П.С.