Над 2.400 тркачи од 31 држава од светот ќе учествуваат на деветтото издание на спортската манифестација „Охрид трчат“, што викендов ќе се одржува во Охрид.
За време на одржувањето на главниот настан, односно трките од, 21К и 21К Relay, со старт во 8:15 часот и од 5К, со старт во 9 часот, в недела, организаторите соопштија дека ќе има привремен режим на сообраќај. Во периодот од 07:45 до 11:15 часот ќе бидат затворени за сообраќај улиците: „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, патека Студенчишта и „Св. Наум Охридски“.
– Ве повикуваме да бидете дел од нашата визија и заедно да покажеме почит и разбирање, кон сите оние, кои одлучиле да дојдат во Охрид да трчаат и уживаат во неговите убавини. Ве молиме да имате разбирање и да го почитувате привремениот сообраќаен режим. Станува збор за едно утро, односно за најмногу три до четири часа – апелираат од „Охрид трчат“.
Воедно, упатуваат молба до сопствениците на возила да ги паркираат на соодветно место, од каде ќе може да ги користат доколку имаат потреба во тој период и да ги почитуваат насоките на редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација.
Како алтернативни паркинг простори организаторите на настанот ги посочуваат паркингот кај Горна Порта, паркингот зад центарот за култура „Григор Прличев“ и просторот за паркирање кај поранешниот спортски полигон.
Стартот на трката на 21К е во 8:15 часот, додека на 5К е во 9 часот.