„Детето во нашето кажување не му припаѓа на далечното минато и не е анонимно, како во народните приказни, напротив тоа дете е Блаже Конески (1921-1993), нашиот великан во македонската литература и светски познат лингвист, кој директно учествувал во составувањето на азбуката на македонскиот јазик и правопис и во кодификацијата на македонскиот литературен јазик…“, со овие зборови ја започнува својата книга „Детството на Конески“, авторот Мишо Китаноски, кој за весникот ВЕЧЕР ја сподели приказната за човекот кој го задолжил македонскиот народ и македонскиот јазик со своето трајно дело. И како што додава авторот „Неговите дела се темелот на нашето јазично богатство, постоење и траење, но и легитимирање кои сме и какво богатство имаме за нас, и за светот…“

 

„Во богатото македонско народно прозно творештво, создадено низ вековите, има и приказни наменети за деца. Често во нив се опишани јунаштва, подвизи и итроштини на бројни јунаци и заслужни борци за слободата на македонскиот народ. На таков начин, раскажувачот целел духовно да им го збогати животот и растењето на децата. Но, сега тоа дете во нашето кажување не му припаѓа на далечното минато и не е анонимно, како во народните приказни, напротив тоа дете е Блаже Конески (1921-1993), нашиот великан во македонската литература и светски познат лингвист, којшто директно учествувал во составувањето на азбуката на македонскиот јазик и правопис и во кодификацијата на македонскиот литературен јазик…“, ја започнува авторот на книгата „Детството на Конески“, Мишо Китаноски, приказната за детството на човекот кој го задолжил македонскиот народ и македонскиот јазик со своето трајно дело. И како што вели самиот автор на оваа книга, која треба да ја прочита секое дете, но и секој родител, „Неговите дела се темелот на нашето јазично богатство, постоење и траење, но и легитимирање кои сме и какво богатство имаме за нас, и за светот…“. „Детството на Конески е потсетување како едно дете, со многу работа и посветеност може да стане светски научник и писател. Неговиот пат нека биде и ваша животна инспирација, за вашиот пат…“, вели Китаноски, обраќајќи им се на читателите.

Во книгата се напишани и неколку збора за Небрегово, родното село на Конески, за неговото семејство, мајката Ѕака, таткото Јордан, сестрите Милица и Нада… А потоа почнуваат и приказните за кои инспирацијата, вели Китаноски, ја нашол во дел од сеќавањата/спомените од детството раскажани од самиот Блаже Конески, а забележани од писателот Цане Андреевски, од забележаните спомени на неговиот близок пријател, писателот Коце Јовановски-Солунски, но и од повеќедеценискиот пријател и близок соработник, истакнатиот лингвист Трајко Стаматовски, но и од сокласникот, некогашниот гимназист Лазар Мојсов, со кој неколкупати и лично се сретнал, а кои говорат за деновите и годините поминати во заедничкото школување во гимназијата и престојот во интернатот во Крагуевац, Србија…

„Од тие ‘расфрлани‘ сеќавања и спомени е составено – испреплетено ова четиво, кое за подобро да го разберат сегашните и идни читатели, а се однесува на детството на нашиот великан Блаже Конески, е раскажано во прво лице еднина. Посакувам ова секогаш да се има предвид, зашто детството е една непредвидлива, а една посакувана иднина во биографијата, односно во растењето на секое дете…“, посочува Китаноски.

А токму во оваа книга богата со илустрации, голем дел обезбедени од архивот на музејот во Небрегово, ќе ги прочитате приказните „Неочекувано задоволство“, „Бунар во дворот“, „Волкот ве чека“, „Најубавата прегратка“, „Имам седум години“, „Научив да играм шах“, „Плачат оние планини за мене“, „Роден во згазено племе“, „Почнува да се остварува сонот“…

Во книгата има 23 идентични, но литературно надградени раскази и таа е прва од ваков вид. Во нејзе се поместени и четири мисли кажани за Конески. Првата е на Горан Стефановски, писател и академик, кој во една прилика кажа: „Те имавме како единица мерка за живот. Сега си ни единица мерка за бесмртност“, Ристо Вртев, фронтменот на музичката група „Архангел посочи: „За сè што имам му благодарам на Блаже Конески“, третата мисла „Блаже Конески за нас никогаш нема да бид минато, туку секогаш ќе биде сегашност и иднина“ е на писател и академик Славко Јаневски, додека исто така писател и академик Петре М. Андреевски кажал: „Дај Боже барем на секои 100 години да се раѓа Блаже Конески“.

„Ја направив необична и се работи за книга за деца и за родители. Затоа и велам во обраќањето кон читателот дека патот на Блаже Коневски е потрага по вашиот пат. Јас давам и биографски податоци за споменатите личности во книгата“, вели Китаноски, кој го изработил и семејното стебло на Блаже Конески, кое исто така може да се види во книгата, но и кој е единствениот Македонец кој на сите празници му пали свеќата на гробиштата во Бутел, бидејќи, како што вели „Конески е нашата, мојата икона“.

„Во македонската литература за деца и ученици се објавени книги за Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков. Сега кон нив се приклучува и романот посветен на детството на нашиот великан Блаже Конески. Со ова тројцата исклучително значајни личности, втемелувачи на македонската историја, само не потсетуваат од каде тргнале и какво значајно дело му оставиле на македонскиот народ со завет сите следни генерации да го продолжат делото“, додава Китаноски.

Тој за весникот ВЕЧЕР посочува и дека освен „Детството на Конески“, подготвува уште четири книги за нашиот великан. Втората е „Конески одблиску“, која сега ја пишува, со непознати страници од неговата биографија и со автентични податоци. „Како пример ќе наведам дека во 1944 во октомври бил ранет во директна борба со Германците, што тој никогаш не го кажуваше. Третата книга ќе излезе во септември, а е насловена ‘Поетски посвети на Конески’ со песни на околу 100 македонски писатели посветени на овој великан. Следната книга ми е ‘Мисли на Блаже Конески’, а потоа и ‘Разговори со Конески’…“

Инаку, Mишо Китаноски, роден 1941 во Вевчани, e новинар, публицист, поет и автор на телевизиски сценарија. Основно и средно образование завршил во Кавадарци, а виша школа и факултет во Скопје. Целиот работен век бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на весници, ревии и списанија. Објавил две збирки песни за деца , а за возрасни книгите песни и раскази „Потпис Сандра“, „Прстен и парфем“ и десетина публицистички книги меѓу кои и „Бела книга, црно писмо, македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина (1944-1948), потоа „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, „Летописи за македонските села“, Хроника за музичкиот живот во Штип меѓу двете светски војни „Евреите во Штип од доселувањето до холокаустот“… Сега е главен и одговорен уредник на ревијата „11 Март 1943“, гласило на еврејската заедница и уредник на најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост во Скопје. (Д.Т.)

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ