Штркот Мишко веќе трета година живее во Гевгелија, во дворот на Елена Алексовска. Таа секогаш и секому е подготвена да ја раскаже приказната за тоа како штркот Мишко една зима останал во Гевгелија, додека другите птици преселници се упатиле кон потоплите краишта, и останал жив благодарение на грижата и љубовта што таа му ги подарила. Елена не крие дека е воодушевена од карактерот на нејзиното необично милениче. Дури и се обидела да му даде шанса да си замине, но тој не сакал и избрал да остане со неа, во нејзиниот двор. Свесна дека штрковите живеат во парови, минатата година вдоми не еден туку два штрка, за Мишко да си има друштво. Велат штрковите живеат каде има убава енергија на љубов и почит, а во домот на Елена тие имаат посебен третман, добиваат посебна нега и љубов
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
И оваа пролет долетаа штрковите. Ги гледам со восхит како упорно си го прават своето гнездо на бандерата. Ќе дувне ветре, ќе им ја однесе гранката што ја положуваат на бандерата, но тие не се предаваат, повторно и повторно ја креваат од земјата и ја положуваат на бандерата. И, по некој ден никнува нивното гнездо.
Во западните култури, штркот го симболизира раѓањето на дете. Кога на родителите им е тешко да му објаснат на детето како децата доаѓаат на свет, тие обично одговараат со „штрковите ги носат децата“, како начин да го избегнат одговорот. Во египетската митологија се сметало дека душата на човекот е штрк, а враќањето на штркот напролет значело дека душата се вратила кај човекот. Тој повикувал на љубезност и милост. Штрковите што се гнездат на оџаците од куќите се сметале за среќа во Австрија и Германија, а се верувало дека нивното присуство штити од пожари. Штркот е симбол на Хаг, во Холандија, каде што се наоѓаат околу 25% од сите европски штркови. Тој е исто така доминантен симбол на Алзас во источна Франција. А од неодамна, може да се каже дека препознатлив белег на нашиот јужен град Гевгелија, покрај смоквите, групата „Зијан“, бањскиот, гастро и казино туризмот, веќе станува и еден Мишко.
Имено, во Гевгелија живее штрк кој стана маалско милениче, штрк кој успеа да се зближи со луѓето, но и животните во Гевгелија. Мишко го знаат сите, и млади и стари, кои со нетрпение очекуваат тој да се појави и во нивниот двор.
Штркот Мишко веќе трета година живее во дворот на Елена Алексовска. Таа секогаш и секому е подготвена да ја раскаже приказната за тоа како штркот Мишко една зима останал во Гевгелија, додека другите птици преселници се упатиле кон потоплите краишта, и останал жив благодарение на грижата и љубовта што таа му ги подарила.
„Љубовта е моја движечка сила. Уште од мала имам огромна љубов кон животните, кон кучињата и мачките. Себеси се гледам како нивен заштитник. Животните исто така чувствуваат љубов и внимание, тие знаат како да возвратат и да докажат колку благородност може да се врати на безброј убави начини. Кога ќе се воспостави пријателство помеѓу човек и животно, тоа е лишено од пресметка или интерес. Искрено е и цврсто. Со тоа што ќе ги сакаме и разбираме животните, можеби ние, луѓето, еден ден ќе се разбереме подобро едни со други.
Инаку, Елена е медицинска сестра во пензија, која покрај тоа што се грижи за 4 мачки и 3 кучиња, во својот двор од пред две години најде место и за мал штрк кој од родителите бил оставен повреден, на милост и немилост на околината.
„Уште од моето детство кое, со мојот сега веќе покоен брат, Миле го поминував кај баба ми, ме фасцинирале штрковите. Трчав по полето за да фатам некој од нив, но попусто, беа недофатливи. Ги слушав легендите и приказните поврзани со нив, и не ни сонував дека еден ден токму штрк ќе ми стане домашно милениче. Се враќав од центарот на градот кон мојот дом со велосипед, кога под една бандера здогледав нешто бело, мало како цивка со невообичаен тон, мислев дека е кученце или маченце, но кога се доближив поблиску видов дека се работи за мало штркче сето во крв, исколвано од страна на родителите. Го ставив во корпата, од аптеката купив сè што треба и го однесов дома. Во дворот му дадов храна и вода бидејќи беше прегладнет и дехидриран. Мислев дека нема да преживее, крилото му беше крваво, од окото му течеше секрет. Крилото не му беше толку повредено, во окото му ставав капки и маст, но тоа не даде ефект и за жал сега Мишко е само со едно око“, се сеќава Елена на тие моменти
Елена му го дала името Мишко, во чест на нејзиниот покоен брат Миле, кого многумина на шега го викале Миша. Таа го нашла Мишко во мај 2023 година, што значи дека наскоро ќе ја започне третата година како живее во нејзиниот двор.
„Јас го чувам штркот затоа што верувам дека хуманоста е најважна човекова особина. Човек што ги сака и им помага на животните, ги сака и другите луѓе. А морам да истакнам дека немав друга опција, ако го оставев на улица, ќе го нападнеа кучиња, можев да го однесам покрај Вардар ама другите штркови веднаш ќе го усмртеа“ – со тага во гласот, вели Елена
Таа не крие дека е воодушевена од карактерот на нејзиното необично милениче. Вели дека дури и се обидела да му даде шанса да си замине, но тој не сакал и избрал да остане со неа, во нејзиниот двор.
„Многу е мил, убав, кроток, питом, не се оддалечува од живеалиштето. Не лета далеку, оди до брегот на Сува Река и потоа се враќа повторно дома. Одгледувањето на штрк не е лесна задача. Знаеме дека во природата штрковите јадат риби, жаби, глувци, змии. Јас не можам тоа да му го обезбедам, но затоа има алтернатива, му купувам месо и риба. Јаде 2-3 пати дневно и тоа беше и е големо финансиско оптоварување. Благодарение на донациите од семејството Брзанови, кои имаат месарница, но и други хумани луѓе, сега можам да му обезбедам месо речиси секој ден. Но, би сакала да апелирам и на локалните власти доколку може, и тие да се погрижат за исхраната на Мишко, затоа што полека станува препознатлив симбол и на самата општина.“
Мишко навистина станува вистинска атракција како во соседството така и помеѓу сите оние минувачи и туристи кои поминуваат покрај дворот на Елена.
„Ме радува што поголемиот број од оние кои шетаат низ овој дел на Гевгелија застануваат и се сликаат со Мишко, особено помладите, кои верувам немаат видено штрк во живо. Така неодамна со него се сликаа актерката Емра Куртишова и нејзината ќерка Лена, кои имаа несекојдневна средба и запознавање со сега веќе популарниот штрк од Гевгелија. Исто така интерес да се запознае со Мишко покажа и режисерката на „Медена земја“, Тамара Котевска, која специјално дојде во нашиот дом да ја види оваа препознатлива птица, голема, со бело-црна боја, со долги црвени нозе и голем клун. И, многу ми е мило, што ќе биде дел од нејзиниот нов документарен филм.
Иако некогаш пушта силни крици сите го сакаат, а дека тој е среќен говорат и неговите навики. Мишко има навика кога се враќам од некаде со мојот велосипед или автомобил, и кога ќе ме здогледа, ги шири крилјата и почнува да тропа со клунот. Тоа е знак дека му се јаде или сака да го земам во раце и да го пуштам од повисоко за да може да летне.“
Можеме да научиме многу од светот на животните, а меѓу другото, тие можат да ни покажат колку навистина е силна моќта на љубовта кога вистински сакате некого. Покрај тоа што им остануваат верни на своите партнери до крајот на животот, штрковите многу страдаат кога ќе останат без партнер. Тие се убави, драги и емотивни птици кои не заслужуваат да се остават на милост и немилост на судбината. За тоа говори и следната случка за која зборува Елена.
„Во текот на оваа зима Мишко по цел ден беше надвор, шеташе и скокаше во дворот, но навечер се прибираше во подрумот на топло, каде беше заштитен од студ. Сепак и тој како и сите ние е подложен на секакви заболувања. Така пред две недели кога Мишко се разболи, побарав помош од мојот пријател, соколарот од Скопје, Трајче Китановски, кој ми го даде телефонот на ветеринарот Дени, експерт за болести на птиците. Дени ја одреди терапијата а лечењето го продолжи ветеринарот Јове Сарамандов од Гевгелија. На сите нив сум им многу благодарна затоа што повторно го кренаа на нозе Мишко
Свесна дека штрковите живеат во парови, Елена минатата година вдоми не еден туку два штрка, за Мишко да си има друштво.
„Едниот има скршено крило и е на иста возраст како Мишко, раскажува таа, ми го донесоа од Миравци додека другиот е една година помал, но животинскиот свет некогаш може да биде премногу суров, па постојат голем број штркови кои ги отфрлаат своите малечки. Така во дворот ми шетаа три штрка, како тројца мускетари. За жал едниот, тој помалиот пред извесно време умре, и сега моето „јато“ е сведено на два штрка. Тие постојано се на слобода, се шетаат пред куќата и во соседството, и како некои стражари стојат на една нога и го посматраат светот околу нив. А кога сонцето ќе зајде, Мишко и неговиот „другар“ сами влегуваат во дворот и не сакаат да си заминат. Мишко не го држам во „заложништво“ го одгледав, му дадов шанса да си оди, но тој не сака, се врати повторно кај мене. Јас не знам колку долго тој ќе живее, но знам дека ќе го чувам и понатаму, затоа што тој не може да опстане без грижата која јас му ја пружам. Тој е најубавото нешто што ми се случило после раѓањето на мојата ќерка Магдалена.“
Размислувам како да ја завршам приказната за една жена и еден штрк, за Елена и Мишко. Велат штрковите живеат каде има убава енергија на љубов и почит. Во домот на Елена тие, животните имаат посебен третман,добиваат посебна нега и љубов. Тој прекрасен однос на Елена со Мишко за мене е толку инспиративен. Кога ги набљудувам подолго време, бидејќи ги гледам секој ден, можеби ќе ви звучи чудно но сè повеќе сум уверен дека и животните со текот на времето добиваат човечки карактеристики, емоции и однесување.