Десетина дена по големата поплава што ги погоди жителите на Прилепската Населба во Кичево, околу 230 од нив сè уште не можат да се вратат во многу оштетените домови. Тие и натаму се згрижени во градската спортска сала, каде што примаат помош од Општината, од Црвениот крст и од повеќе донатори во форма на храна, хигиенски средства, облека… Но, сè уште не може да стане збор за повторно враќање во потопените и многу оштетени домови.
– Луѓето и натаму се во салата, каде што се грижиме за нив. Секојдневно добиваат оброци со храна, вода, хигиенски средства и други работи што им се потребни. Благодарение на заедничкото организирање, како и на донаторите, нема проблеми во тој поглед. Деновиве, во домовите во Прилепската Населба се вратија 15 семејства со триесетина лица, но уште околу 230 сè уште се згрижени во салата, бидејќи им се многу оштетени домовите и е потребна голема помош за тоа – вели за весникот ВЕЧЕР Бесник Селими од општинската организација на Црвениот крст во Кичево.
Во живеалиштата се вратиле оние семејства чии куќи се подалеку од коритото на реката Зајашка и кои биле помалку оштетени.
– Најтешка е состојбата со оние куќи што се на првата линија до речното корито. Тие се и најоштетени, а, како и цела населба, се изградени од не толку цврст градежен материјал. Во претходните денови, од живеалиштата се вадеа покуќнината и други работи бидејќи се целосно неупотребливи. Но, прашањето е колку од куќите ќе бидат стабилни за живеење и дали воопшто ќе може да се вратат луѓето во нив – наведува Селими.
На терен сè уште се спроведуваат акции за чистење и за отстранување на кабастиот отпад. Наскоро на терен ќе треба да излезат и екипите за процена на штетите. Кичевскиот градоначалник неодамна најави дека, во соработка со Владата, ќе се бараат начини да им се помогне на настраданите граѓани. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека Владата ги очекува извештаите за оштетувањето, по што ќе им биде доделена одредена финансиска помош на настраданите.
Освен во Кичево, неодамнешните поплави погодија и повеќе домаќинства и на гостиварското подрачје, но и селата околу Тетово и скопски Сарај. (Б. Ѓ.)












