Десетици илјади луѓе денес учествуваа на два одделни протести во Рим, едниот против, а другиот во поддршка на мигрантите, откако иницијативата на крајната десница што повикува на построги мерки против миграцијата собра доволно потписи за да биде разгледана во италијанскиот парламент.
Протестот против миграцијата привлече неколку илјади демонстранти од цела Италија, кои ја пееја националната химна.
За време на митингот, како што објави „АП“, некои учесници постојано ги креваа рацете во фашистички поздрав и извикуваа „Дуче! Дуче!“, алудирајќи на италијанскиот диктатор Бенито Мусолини, кој владееше со Италија од 1922 до 1943 година.
Во исто време, во друг дел од Рим се одржа митинг во поддршка на мигрантите, на кој присуствуваа десетици илјади луѓе, вклучувајќи левичарски и синдикални организации, а некои демонстранти носеа палестински знамиња.
За да се спречат инциденти, полицијата распореди илјадници безбедносни сили и ги раздели двете групи, а за време на протестот немаше пријавено насилни инциденти.
Петицијата на иницијативата наречена „Ремиграција и реконквиста“ собра 50.000 потписи, минимум потребен за да се покрене парламентарна дебата, со што претходно маргиналниот концепт на „ремиграција“ се вклучи во пошироката политичка дебата, објави „АП“.
Предлогот промовиран од десничарските групи предвидува низа мерки насочени кон странците, вклучувајќи присилни враќања, стимулации за напуштање на Италија и пошироки политики за кои критичарите велат дека би можеле да ги вклучат и легалните жители.
Критичарите, вклучувајќи ги опозициските партии и правните експерти, велат дека предлогот би можел да ги прекрши уставните и меѓународните принципи на недискриминација бидејќи ги таргетира луѓето врз основа на етничко потекло, вклучувајќи ги и натурализираните граѓани и нивните потомци.
Демонстрациите се случија еден ден откако стапија во сила новите правила на Европската унија за управување со миграцијата и азилот, кои дефинираат како 27-те земји-членки ќе се справат со нерегуларната миграција и барателите на азил.
Европскиот пакт за миграција и азил е резултат на години преговори и реформи на претходниот систем, кој беше критикуван како неефикасен и често користен како политичко оружје од страна на крајната десница, пренесе „Танјуг“.












