Најмалку 50.000 луѓе учествуваа на демонстрациите на главната опозициска партија во Турција, ЦХП, во Анкара пред евентуалното судско отстранување на раководството на партијата, соопштија организаторите, пренесе „Бета“.
Тие носеа маички со ликот на основачот на Турската Република, Мустафа Кемал Ататурк, и мавтаа со турски знамиња.
Заменик-претседателот на Републиканската народна партија (ЦХП), Мурат Бакан, рече дека на демонстрациите имало 50.000 учесници.
Партискиот лидер Озгур Озел рече дека станува збор за митинг против „пуч“ што се подготвува за ЦХП.
„Оваа влада не сака демократија. Таа знае дека не може да победи на избори ако има демократија. Не сака правда затоа што знае дека ако правдата се задоволи, нема да може да ги прикрие своите злосторства“, рече Озел.
Судското рочиште утре во Анкара има за цел да ги поништи резултатите од конгресот на ЦХП во ноември 2023 година поради наводна изборна измама.
Озел потоа беше избран за лидер на партијата.
Критичарите велат дека судските постапки се дизајнирани да ја ослабат ЦХП, најстарата политичка партија во Турција, која убедливо ја победи Партијата на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган на локалните избори во 2024 година и добива на предност на анкетите.