Десет монодрами од девет држави ќе бидат изведени на 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата, кој годинава ќе се одржи од 17 до 23 мај, во Битола. Под мотото „Еден збор – еден свет“, во официјалната програма ќе има претстави од Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и од Бугарија.
Според селекторот Благој Мицевски, претставите се жанровски разновидни, од класични драмски дела до современ и документарен театар, со силен акцент на актерската трансформација и моќта на раскажувањето преку еден лик.
На отворањето ќе биде изведена „Д (Како Дездемона)“, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, а фестивалот ќе го затвори претставата „Куфер.мк“, монодрама на актерката Соња Михајлова, добитничка на наградата за животно дело од фестивалот „Војдан Чернодрински“. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар во Битола, додека другите претстави ќе се играат во салите на Центарот за култура.
За наградите ќе одлучува жирито во состав: Рисима Рисимкин од Македонија, Емре Ердем од Турција и Лаша Чхартишвили од Грузија. Ќе бидат доделени наградите за гран-при, најдобар актер и најдобра режија.