Освен неколку пријави за поткуп на гласачи, агитирање по телефон и за фотографирање на гласачкото ливче, изборниот ден од првиот круг на локалните избори помина мирно и без сериозни инциденти. – Македонија покажа демократска зрелост и политичка култура, а изборите поминаа како едни од најмирните и најбезбедни во поновата историја на државата – го заокружи министерот за полиција, Панче Тошковски, денот на гласањето
Мирен изборен ден без многу сериозни инциденти, ваква е оцената на истражните органи – полицијата и Јавното обвинителство за денот на гласањето.
– Македонија покажа демократска зрелост и политичка култура, а изборите поминаа како едни од најмирните и најбезбедни во поновата историја на државата – го заокружи министерот за полиција, Панче Тошковски, денот на гласањето, на прес-конференција за медиумите на која ги наброја малкуте изборни инциденти по кои постапила полицијата. Според МВР, изборите почнале навреме, освен на избирачкото место со број 84, каде што поради технички проблеми, имало доцнење од два часа.
Во текот на денот биле регистрирани вкупно 29 прекини, главно, поради проблеми со апаратот за идентификација на показалецот, но тие биле кратки, па гласањето на некои избирачки места во Тетово и во Охрид продолжило. Меѓу посериозните настани за кои информираше министерот Тошковски се за агитирање, поткуп, закани, фотографирање на гласачко ливче, односно полицијата постапила по вкупно 91 пријава. По половина од пријавите веќе се постапило, а во најголем дел од нив наодите не биле потврдени. Во текот на изборниот ден биле уапсени вкупно 11-мина, а седуммина од нив биле задржани во полициска станица, сомнежите се за поткуп на гласачи, уништување на изборниот материјал, односно гласачко ливче. Иако имало седум пријави за инволвираност на полицајци во изборни нерегуларности, Тошковски рече дека се постапува само во еден случај и дека кај другите не била утврдена одговорност.
– Покажавме дека кога функционираат институциите, демократијата е сигурна – оцени министерот за полиција, кој претходно, по гласањето на своето избирачко место, изјави дека биле ангажирани над 90 проценти од капацитетите на МВР за обезбедување на изборниот процес, со засилено присуство на терен, особено околу „жешките точки“ каде што има поголема фреквенција на граѓани.
Во текот на изборниот ден, МВР неколкупати информираше за нерегуларности и инциденти. Така, на почетокот од изборниот ден, односно во 9:00 часот, полицијата во Прилеп уапсила двајца од Крушево, едниот 72-годишен, а другиот на 36 години, за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. За истото, во станица биле задржани уште петмина други крушевчани што престојувале во Прилеп. Полицијата, која беше видлива на поголемите избирачки места во Општина Чаир, уапсила двајца мажи што се претставувале како изборни набљудувачи, но одбиле да се легитимираат.
– Поради непочитување наредба на овластени службени лица и утврдување на идентитет, приведени се две лица во двор од основно училиште на подрачјето на Чаир во Скопје. Станува збор за Ф. Е. (35) и Н. Е. (44). Имено, лицата не биле вклучени во изборниот процес, се претставиле како набљудувачи на изборниот процес, биле во дворот од училиштето и одбиле да се легитимираат – соопштија од МВР.
Обвинителството, кое формираше посебна комисија за следење на изборниот процес, информираше дека постапувало по мал број сторени кривични дела поврзани со изборниот процес. Полицијата од Велес спречила обиди за поткуп на гласачи во селото Согле, Општина Чашка. При претрес во домот на Г. П. (59), биле пронајдени 60 банкноти од по 2.000 денари или приближно 2.000 евра, пари за кои има сомнеж дека биле наменети за поткуп на гласачи. Освен за поткуп на гласачи, Обвинителството информираше и за телефонско агитирање за гласање.
– Кај три лица од Охрид, кои биле во возило, биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи. Во ОЈО Тетово е отворен предмет против непознат сторител на кривичното дело повреда на тајноста на гласањето, бидејќи се појавила фотографија на гласачко ливче на социјалните мрежи – информираа од ОЈО.
Кон крајот на изборниот ден, Независните, кои имаат и кандидат за градоначалник и советничка листа во Општина Центар, поднесоа приговор во Државната изборна комисија, бидејќи преку фотографија тврдат дека им го нема логото на гласачкото ливче. На листата не било испечатено логото, што, според нив, е спротивно на членовите од Изборниот законик.
– Врз нашите кандидати е направена флагрантна дискриминација, ставање во нерамноправна положба и поништување на еднаквоста на избирачкото право. Оваа неправилност е констатирана на целата територија на Општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина – соопштија од Независните заедно, кои во прилог на приговорот прикачиле и фотографија со која докажуваат дека го испратиле логото во општинската изборна комисија, на 11 септември 2025 година.
ДИК, пак, официјално само информираше дека денот течел мирно, без поголеми нерегуларности. За советничката листа што ДИК ја поништи откако било утврдено дека било кандидирано починато лице, потврди и Управниот суд, кој постапува веднаш по жалбите во изборниот процес и кој одлучи дека гласовите што ќе бидат дадени за таа советничка листа ќе бидат неважечки. (П.А.)
Молкот прекршен со ТВ-спотови и објави на социјалните мрежи
Министерството за внатрешни работи (МВР), во текот на предизборниот молк, во саботата, до отворањето на избирачките места, регистрирало 20 пријави за нарушување на изборниот молк, од кои 6 во Скопје, 4 во Куманово, потоа три на подрачјето на СВР Велес, по два настана во Охрид, Штип и во Битола и еден на подрачјето на СВР Струмица. Биле потврдени само пет од пријавените случаи за прекршување на изборниот молк, пред официјално да се почне со гласање. Покрај ова, полицијата регистрирала 47 објави на социјалните мрежи во текот на изборниот молк што се однесувале на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови, соопшти МВР.
Две телевизии го прекршиле Изборниот законик и во текот на молкот емитувале политичка програма, соопштија од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Телевизијата „Компани 21-М“ првиот ден од изборниот молк емитувала реприза на посебната информативна програма „Клик плус – изборни дебати“, дебата во која учествувале тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар. Телевизија „Шутел“ во текот на двата дена од изборниот молк емитувала музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари.