Првичните информации за причините за стомачните тегоби кај учениците од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае ќе се знаат денеска, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а пренесува МИА.
Ова го потврди и директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, посочувајќи дека вчера попладнето, а и во текот на целата вечер ќе се вршат анализи на сите примероци што се земени од вработени во училишната кујна, од работните површини, како и на мостри од храна и вода.
Иако за некои испитувања, како што додаде, е потребно време, сепак најави дека првичните информации за тоа што се случило и зошто децата добиле стомачни тегоби и симптоми на повраќање ќе се знаат во текот на денешниот ден.
Ова следува откако во вторникот неколку ученици од тоа училиште се пожалија на стомачни тегоби и симптоми на труење и побараа лекарска помош.
Поради тоа, инспекциски служби од ИЈЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера почнаа со вонреден инспекциски надзор во училиштето.












