
Втората рунда разговори меѓу САД и Иран во Пакистан е „на добар пат“ да се одржи уште денеска, објави „Ројтерс“, но Иранската државна телевизија ги негира таквите извештаи, наведувајќи дека делегацијата на Иран не отпатувала во Исламабад.
Ниту експертите за прелиминарни преговори ниту главната делегација не отпатувале во пакистанскиот главен град, објави иранското државно радио еден ден пред крајот на двонеделното примирје. Од друга страна, американските претставници, меѓу кои и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, во вторникот најавија дека се подготвуваа да заминат за Пакистан за евентуална втора рунда мировни преговори.
Примирјето истекува доцна во среда, по американско време, а неизвесноста што потоа – останува. Американскиот претседател, Доналд Трамп, во кратко телефонско интервју за конзервативната радиоемисија „Шоуто на Џон Фредерикс“ изрази верување дека Техеран ќе се согласи на преговори и предупреди на последиците ако не го стори тоа.
– Тие ќе преговараат, а ако не го сторат тоа, ќе имаат проблеми какви што никогаш порано не виделе. Верувам дека ќе постигнат фер договор и ќе ја обноват својата земја, рече тој, нагласувајќи дека во тој случај „нема да имаат нуклеарно оружје“.











