Децата што повеќе од три недели се на лекување во Клиниката за детски болести или дома ќе можат да следат он- лајн настава или настава од далечина. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на НВО САНО – Здружение кое им помага на децата со канцер, го промовираа концептот со кој се воведува формалното основно образование во болнички услови.
– Направени се измени на законска и подзаконска регулатива и училиштата каде се запишани децата кои се на лекување на Клиниката, треба да ги вклучат во настава од септември – директно, односно онлајн додека траат часовите, или преку асинхрона комуникација (наставникот му испорачува материјали на ученикот, му задава задачи, оценува знаење…). Наставникот може да организира и индивидуална настава за ученикот, преку некоја дигитална алатка, а сето ова ќе зависи и од здравствената состојба на детето, изјавија надлежните
Целта е децата да немаат застој во воспитно – образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата. Беше нагласено дека ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува и дека болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Во тек биле обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека во центарот на здравството е пациентот.
– Ние како Министерство за здравство сме надлежни да креираме инфраструктура што ќе биде компатибилна со потребите за учење во далечина. Од другата страна, Министерството за образование креира методологија и материјали што децата ќе треба да ги поминат, со цел да ги добиваат здравствените но и образовните услуги – истакна Алиу и најави дека ќе се креира работна група, со цел обезбедување на квалитетен соодветен кадар за работа.
Министерката Јаневска изјави дека досега кон овие дечиња биле направени сериозен пропуст и дискриминација. Денеска, додаде таа, со добар проект и системско решение, се покажува дека не станува збор за нерешливи проблем.
– Овој процес постојано ќе се унапредува. Она што е значајно, е, дека во овој момент, одреден број наставници кои имаат такви дечиња овде, веќе се на обука, за од 1 септември да можат да почнат да го работат тоа – информираше министерката и се заблагодари на сите кои учествуваат во проектот.
Во моментов, на одделот за малигни заболувања има околу 20 деца, но тој број се менува одвреме навреме, кажа директорот на детска Клиника. Обично, кај децата со оваа болест, понекогаш третманот трае и до две години, зависно од самата патологија. Првите шест месеци, биле приморани да бидат цело време на Клиниката.
Министерката Јаневска рече дека ќе се направат обиди и децата кои се повредени во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани да следат он лине настава по примерот во детска клиника.