Маж, на суров начин, се обидел да ја убие својата сопруга во струмичкото село Просениково, и тоа пред очите на своите две малолетни деца. Обвинителството бара притвор за него и му поднесе кривична пријава за убиство во обид. Морничавиот настан се случувал во семејниот дом во средата, кога 48-годишниот маж ја фатил жената за главата и се обидел со шприц насилно да ѝ вбризга во устата одредена течност, најверојатно пестицид. Несреќната жена почнала да го турка и да вика, а тоа го слушнале нивните две малолетни деца кои дошле од другата соба и се обидувале да ја одбранат мајка им. Таа успеала да му се измолкне и влегла во бањата, но бруталниот сопруг тргнал по неа, ја турнал во кадата и ја притиснал со коленото, па со нож започнал да ја сече на вратот во близина на каротидната артерија. Децата повикале роднини кои успеале некако да го оттргнат насилникот.
– Во својот исказ пред јавниот обвинител, жената потврдила дека подолг временски период била жртва на физичко и на психичко семејно насилство од сопругот, но не се осмелувала да го пријави тоа. Според јавниот обвинител, постои реална опасност осомничениот повторно да врши семејно насилство и да го доврши обиденото дело. Исто така, постои опасност од бегство и можност тој да влијае на сведоците на настанот, негови блиски роднини кои ѝ помогнале на оштетената и ја однеле во болница. Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Веста за обидот за убиство на жената од Струмичко доаѓа паралелно со националната кампања „Шеснаесет дена активизам против семејното насилство“. Според бројките што ги објави министерството за труд и социјала, во 2025 година од вкупно 1.260 регистрирани жртви, дури 932 се жени – жртви на семејно насилство.
Од Националниот совет за родова рамноправност, во рамките на кампањата информираа дека, за две години, бројот на пријави за семејно насилство на СОС-линијата 141 700, пораснал за 70 %, најчесто пријавуваат жртвите, но и членови од семејството, полицијата, матичниот лекар, непосредното опкружување.
Иако надлежните уверуваат во заложбите за згрижување и помош на жените жртви, сепак државниот ревизор укажува на недостаток на легла во сместувалиштата, во Македонија има околу 60-ина, а согласно со Истанбулската конвенција е потребно да има повеќе од 180 низ целата држава.
„По спроведената ревизија, заклучивме дека мерките и активностите за обезбедување специјализирани услуги за поддршка и за заштита на жените жртви на насилство што се преземаат од надлежните институции не се доволно ефективни со цел превенција, поддршка и заштита на жените и нивна целосна реинтеграција“, порача Катерина Чалоска-Алексовска – помошничка на главниот државен ревизор.
Според податоците што ги објавија ОН, на секои 11 минути некаде во светот е убиена жена. Една од три жени доживеала некаква форма на насилство по наполнети 15 години, а една од 20 била силувана најчесто од сопствениот партнер. Во Македонија, годинава јавноста беше згрозена од пет случаи на фемицид. Насилството заврши кобно за жените од Кавадарци, Неготино, Шуто Оризари, Скопје, Штип и Велес. (П.А.)












