Овогодинешниот форум во Давос се одржува во време на распаѓање на светскиот поредок – а го поттикнува Доналд Трамп, кој пристигнува во Швајцарија со голема делегација. Во економските прашања, ќе доминира бумот на вештачката интелигенција.
Швајцарскиот алпски град Давос повторно ги пречекува водечките политичари, економисти и луѓе од културата на годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ), пишува „Дојче веле“.
Ова доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го демонтира меѓународниот поредок: од демонтирање на воспоставените трговски правила и масовно повлекување од меѓународните организации, вклучително и од климатскиот договор на ОН, до апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро по нападот врз главниот град Каракас и заканите за анексија на Гренланд, кој формално е дел од сојузникот Данска.
Годишниот состанок на Светскиот економски форум започнува денес во Давос, под слоганот „Духот на дијалогот“, а меѓу политичарите, економистите, лобистите и другите учесници на овој елитен собир, особено се очекува американскиот претседател Доналд Трамп, кој го потресе глобалниот поредок во изминатата година откако се врати на власт.
Форумот во Давос ќе собере повеќе од 3.000 учесници од 130 земји, вклучувајќи околу 400 високи политички функционери и околу 850 извршни директори и претседатели на водечки глобални компании.
Трамп ја предводи досега најголемата американска делегација во Давос, во која ќе бидат и државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, а се очекуваат дискусии за Украина, Венецуела, Газа и Иран.
Третата посета на Трамп на Давос како претседател доаѓа во време кога американските сојузници се загрижени за неговата амбиција да го преземе Гренланд, Латинска Америка се бори со неговите напори да ја искористи венецуелската нафта, а неговата цврста тактика кон претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, предизвика загриженост кај бизнис лидерите и пратениците во самите Соединетите Американски Држави, пишува „АП“.
Предвидено е да присуствуваат и германскиот канцелар Фридрих Мерц, канадскиот премиер Марк Карни, аргентинскиот претседател Хавиер Мили, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и сирискиот лидер Ахмад ал-Шара.
И Мицкоски во Давос
Меѓу очекуваните 65 шефови на држави и влади ќе биде и македонскиот премиер Кристијан Мицкоски, кој најави дека ќе биде учесник на три панели на коишто ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија, истовремено заедно со делегацијата ќе остварат и бројни билатерални средби со многу компании од светот.
„Придружуван од висока владина делегација ќе учествуваме на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија, соопшти Мицкоски од Давос.
Предвидено е Форумот неформално да биде отворен со концерт на пијанистот Џон Батиста, виолинистот Рено Каписон и камерниот оркестар Малер, како и панел насловен „Отворен форум: Каква 2050 година сакаме?“
За Форумот се закажани повеќе од 200 панели, кој повеќе од пет и пол децении ги собира лидерите од бизнисот, политиката, граѓанското општество, меѓународните организации и академијата за да разговараат за глобалните предизвици и да придонесат за движење на светот напред.
Вештачката интелигенција е една од главните теми во фокусот, а во Давос се очекуваат водечки технолошки лидери, како што се Сатја Надела (Microsoft), Јенсен Хуанг (Nvidia) и Демис Хасабис (Google AI), пренесе „Бета“.












