Дариус Конџи: Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда; Врачена „Златната камера 300“ за животно дело на „Браќа Манаки“

45

На свеченоста во чест на лауреатот на „Браќа Манаки“, во прекрасниот амбиент на Пионерски дом во Битола, наградата на Конџи му ја врачи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Како што истакна кинематограферот што има исклучителна кариера и чиј опус се поврзува со врвни режисери како Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Роман Полански, Дени Бојл, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту… наградата ѝ ја посветува на сопругата Мариен заради целата нејзина поддршка

– Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда, рече иранско-францускиот кинематографер Дариус Конџи, на кој синоќа во Битола му беше врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 46. ИФФК „Браќа Манаки“.

На свеченоста во чест на лауреатот, во прекрасниот амбиент на Пионерски дом во Битола, наградата на Конџи му ја врачи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Како што истакна кинематограферот што има исклучителна кариера и чиј опус се поврзува со врвни режисери како Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Роман Полански, Дени Бојл, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту… наградата ѝ ја посветува на сопругата Мариен заради целата нејзина поддршка.

Свеченоста се одржа во рамки на француската вечер на фестивалот, а присутните ги поздрави директорот на „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски, кој рече дека е голема чест што оваа година добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ е токму Дариус Конџи.

Конџи зад себе има импресивна листа на остварувања како кинематографер. Меѓу другите, ги потпишува филмовите „Седум“ и „Соба за паника“ на Дејвид Финчер, „Украдена убавина“ на Бернардо Бертолучи, „Евита“ на Алан Паркер, „Деветтата порта“ на Роман Полански, „Плажата“ на Дени Бојл, „Сѐ друго“ на Вуди Ален…

– Сакам да работам со добри режисери. Режисери со кои можам да остварам посебна врска, но, се разбира, треба да ми се допаѓа и она што го работат. Но, најважно е дека треба да им помогнам да ја остварат својата замисла. И режисерите треба да се пронајдат во соработката со мене и да сакаат да работат со мене повеќе отколку јас со нив – рече кинематограферот претходно, на прес-конференција во Битола.

Додаде дека заедно со режисерот одлучува со каква камера ќе работи.

Конџи е роден во 1955 година во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува најпрвин во Франција, а тој подоцна во животот заминува за САД за да студира на УЦЛА, а магистрира на Универзитетот во Њујорк. За себе рече дека е половина Персиец, половина Иранец, но има и француски дел.

Пред новинарите додаде и дека малку имал можност да ја види Македонија.

– Патував ноќе, кога се разбудив и кога го видов градот, веднаш добив едно пријатно чувство – рече Конџи посочувајќи дека многу му се допаѓа македонскиот јазик и жали што не го зборува.

Во Битола одржа и мастерклас пред студенти, филмски професионалци и љубители на филмската уметност.

На студентите им порача: „Треба да мислиш дека кога се снима филм, буквално сè е твоја работа. Развивај се себеси преку работа со оној што е најинтересен за твојот развој. Прифати се себеси, сум го правел тоа и јас, иако многупати сум паѓал. Кога треба да се изберат леќи за снимање, ги избирам заедно со режисерот. Не сум сам во процесот, во снимањето филм сме секогаш ‘Ние’“.

„Дариус Конџи е врвен естет, кој до ден-денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење. И покрај мајсторството во секој кадар и бескрајниот талент и посветеност на камерата и филмот тој е секогаш скромен и вели „ние“, а не „јас“. Вели „нашата екипа“, не „мојата екипа“. Во создавањето филмски дела секогаш беспрекорно ја преточува визијата на режисерот и нему му го припишува успехот на филмот“, посочија од фестивалот „Браќа Манаки“.

Номиниран е за два оскари за најдобра кинематограферска дејност за „Евита“ и за „Бардо“, една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), три номинации за наградите „Цезар“ и две номинации за наградите „Индипендент спирит“. Филмовите на кои има работено двапати беа во официјалната конкуренција на ИФФК „Браќа Манаки“ во борба за „Златната Камера 300“, најпрвин со „Земја на мртвите“ во 1993, а потоа со „Седум“ во 1996 година.

ИЗДВОЕНИ