Италијанскиот кошаркар Данило Галинари објави дека завршил со својата играчка кариера.
- Денес, со срце полно со благодарност, објавувам за крајот на кариерата за која отсекогаш сум сонувал. Кариера изградена преку напорна работа, жртви, победи, порази, со соиграчите што станаа мои браќа, со водството од моите тренери и, секако, со семејството и пријателите, кои беа покрај мене на секој чекор од патот – рече 37-годишниот Галинари во објава на социјалната мрежа „Инстаграм“.
Галинари ја заврши својата кариера во Порторико, играјќи за тимот Вакерос де Бајамон. Претходно, помина 14 сезони во НБА-лигата, каде што играше за Њујорк, Денвер, Лос Анџелес клиперс, Оклахома, Атланта, Вашингтон, Детроит и за Милвоки.
Во текот на својата НБА-кариера, тој имаше просек од 14,9 поени, 4,7 скока и 1,9 асистенции.











