По 100 илјади евра од ќе добијат млади брачни парови кои ќе се преселат на село и ќе станат земјоделци. Оваа финансиска поддршка од Владата треба да им помогне на младите да инвестираат во изградба или реконструкција на објекти, да купат земјоделска механизација, земјоделско земјиште или добиток. Главен услов да ја добијат оваа поддршка е да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделска дејност и да живеат во руралната средина во рамки на семејното земјоделско стопанство во наредните 10 години. Ако младиот брачен пар не го исполни условот да живее и да работи на село 10 години, ќе треба да го врати целиот износ на дадената поддршка. Земјоделските експерти се надеваат дека овој план за враќање на младите во селата и за зголемување на работната сила во земјоделството ќе се реализира и нема да остане само на хартија. Меѓутоа, сметаат дека по примерот на Србија и Италија, државата треба да дава и грантови за купување на напуштени селски куќи.
Илија Каров, универзитетски професор и земјоделски експерт вели дека Србија веќе има ваква програма, која успешно се спроведува и смета дека и кај нас има услови таа да се преслика и да се реализира.
– Законите се добри онолку колку што е добро нивното спроведување, па така и во овој случај доколку се донесе и најдобар закон, а не се спроведува ќе остане само на хартија. Би бил среќен доколку навистина се преземат конкретни чекори за подобрување на условите и животот во селата, со кои би се намалило отселувањето и запустувањето на македонските села. Србија уште од 2020 година има Национална програма за поддршка и одржлив развој на селата, изготвена од Српската академија на науки. Во изработка на програмата учествувале голем дел на академски личности и таа е дел од целокупната општествено-аграрна и социјална реформа. Програмата ги анализира економските услови за живот во селата и работата во земјоделството, укажува на проблемите и наведува предлози за социјални реформи во селата. Дел од мерките се формирање на државен фонд за развој на руралната инфраструктура, финансиски стимулации за млади брачни парови и давање до 50 хектари државно земјиште на бесплатна употреба од страна на младите брачни парови. Исто така програмата опфаќа доделување на куќи под најповолни услови за оние кои сакаат да живеат на село и да ја обработуваат земјата, како и намалување на ДДВ за земјоделските задруги и целосно ослободување од повеќе даноци во граничните и планинските области, изјави за весникот ВЕЧЕР, Каров.
Тој додава дека една од мерките која во Србија успешно се спроведува е доделување на грантови за купување на селски куќи. Откако се спроведува оваа мерка досега вкупниот број на продадени куќи е 3.620 во 72 села и повеќе од 300 нови жители. За 2025 година одвоени се над 6 милиони евра и се доделуваат за купување на куќи во вредност до околу 10 илјади евра.
Освен Србија и Италија има програма за заживување на селата, каде што сопствениците ги нудат куќите по симболична цена од 1 евро. Купувачите мора да гарантираат реновирање и ревитализација во период одреден од општината, а државата им става на располагање помош со намалување на даноците и други олеснувања за оние кои ќе живеат и работат на село.
– Доколку Владата одлучи да имплементира вакви мерки, има примери од соседството и од ЕУ кои што би можела да ги проучи и да види што од нив е соодветно и применливо во нашата држава. За некои работи не мора да се носат посебни закони и програми, туку со воведување на мерки во постојните програми можеле да се направат вакви промени, објаснува Каров.
Од Националната земјоделска мрежа ги поддржуваат сите мерки кои имаат за цел унапредување на земјоделството и зголемување на земјоделското производство.
-Бараме со оваа мерка да бидат опфатени што поголем број млади, но да биде условена и со конкретни резултати, односно производство на одредени видови и количини на земјоделски производи. Не може само да се даваат пари од буџетот, а не добиваме ништо за возврат. Еден од најголемите проблеми во македонските села е што нема основни услови за урбано живеење, нема болници, градинки, банки, пошти… Со други зборови селата се запоставени и нема инфраструктура. Младите треба да сфатат дека земјоделството не е само бизнис, туку стил на живеење што бара откажување од многу цивилизациски придобивки, што младите тешко би ја прифатиле таа промена, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека оваа законско решение е усогласување на нашата со европската регулатива, меѓутоа треба да се има предвид дека состојбите во македонскиот аграр не кореспондираат со оние во ЕУ.
Ова мерка е дел од новиот Закон за земјоделство и рурален развој кој е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и е даден на увид на јавноста, чија цел е заживување на руралните средини и стимулирање на земјоделците да се здружуваат за да станат поконкурентни.
(А.С.)