Да се заштитат змиите и нивните живеалишта 

45

Светскиот ден на влекачите, кој се одбележува секоја година на 21 октомври, ги истакнува разновидноста и еколошкото значење на влекачите ширум светот – од шарените гуштери и древните желки, до таинствените змии и големите крокодили. Тој потсетува дека влекачите се важен дел од природното наследство на нашата планета и дека нивното присуство го збогатува животот во речиси секој агол од светот, освен на студениот Антарктик.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) нагласуваат дека овој ден, исто така, укажува на заканите со кои се соочуваат влекачите, како што се губењето на живеалиштата, нелегалната трговија и несоодветниот однос на луѓето кон нив.

– Многу видови се загрозени, а нивното исчезнување може да го наруши природниот баланс бидејќи влекачите имаат клучна улога во контролата на популациите на влекачи во одржувањето на екосистемите. Затоа, Светскиот ден на влекачите претставува повик за заштита на овие извонредни животни и нивните живеалишта – велат од МЕД.

МЕД по повод Светскиот ден на влекачите – 21 Октомври приложи една прекрасна фотографија на поскок (Vipera ammodytes) на островот Голем Град (популарно наречен уште „Змиски остров“) во Големото Преспанско Езеро.

– Поскокот е еден од најинтересните жители на Голем Град, водејќи таинствен начин на живот со способноста да остане речиси незабележан. Неговите популации се стабилни и внимателно следени во изминатите 19 години, при што бројот на возрасни единки варира помеѓу 200 и 300. Поради изолираноста на оваа островска популација, кај неа се развил џуџест раст – уникатна карактеристика што ја разликува од копнените популации. Иако може да изгледа застрашувачки, поскокот , всушност, срамежливо животно кое активно избегнува контакт со луѓе, претпочитајќи да се движи низ каменитите предели и густата вегетација во внатрешноста на островот  – информираат од МЕД.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ