Вицепремиерот на Црна Гора за политички систем, судство и борба против корупцијата, Момо Копривица, вчера објави дека владата усвоила Предлог за измени на Уставот, со кој се укинува имунитетот на членовите на владата за кривични дела против службената должност, и го испратила во собраниска процедура.
„Јавната функција не смее да биде штит од законот. Оној што ја води државата мора да биде на првата линија на одговорност“, наведе Копривица во објава на социјалните мрежи.
Според него, предложеното решение претставува силна системска мерка за спречување на корупцијата и потврда за подготвеноста на владата да ги примени највисоките меѓународни стандарди.
„Ова е силно системско решение за спречување на корупцијата и порака за подготвеност за почитување на најстрогите антикорупциски стандарди“, нагласи Копривица, додавајќи дека со ова се имплементира и важна препорака на ГРЕКО.
Владата на Црна Гора објави дека ова решение ја прецизира уставната норма така што премиерот и членовите на Владата не уживаат имунитет за кривични дела против службената должност, односно за кривични дела поврзани со корупција, без оглед на висината на заканувачката казна.












