Чоколадото „милка“ е прогласено за најголема измама во Германија, бидејќи му беше намалена грамажата од 100 на 90 грама, додека беше зголемена цената од 1,49 на 1,99 евра. Чоколадото „милка“ е учебник за таканаречената скратена инфлација и токму затоа потрошувачите ја прогласија за најдрска рекламна лага на годината. Скратена инфлација се користи во случаи кога не поскапуваат производите по секоја цена, туку се намалува нивната содржина, а се задржува истата цена, објаснуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија. Оттаму велат дека постои оваа појава кај нас од 2008 година, кога почнаа да се зголемуваат цените на производите. Оттогаш досега, намалена е грамажата на многу производи, што претставува сериозна закана за семејниот буџет.
– При купувањето производи, сѐ повеќе се среќаваме со појавата, покрај покачувањето на цената, да им е намалено и количеството на производите, па така наместо 100, добиваме 90, 85 или 80 грама. Освен кај чоколадите, забележано е ова и кај јаткастите плодови, паштетите, чипсовите… Истото го забележуваме и при купувањето масло за јадење, каде што литарот стана 750 милилитри и кај јогуртот, кој од 500 грама за шише сега е 450 грама, а кога е грамажата 500 грама, стои ознаката дека добиваме бонус – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.
Таа вели дека ја забележуваме оваа појава и кај непрехранбените производи, како, на пример, се намалува бројот на шамичињата за бришење, тоалетната хартија станува потенка, кремовите за лице, лосионите…
Оваа појава не е забележана само во нашата држава туку и од потрошувачите во регионот, ЕУ реагираат и повикуваат на поголема претпазливост, односно да се внимава на етикетата и на цената.
– На овој начин, производителите и трговците ја покачуваат цената преку намалување на количеството на производот, а воедно сметаат дека потрошувачите нема веднаш да го забележат намалувањето и ќе останат доследни при купувањето на омилениот производ. На овој начин, купувачите добиваат помалку производ за иста цена, а во многу случаи и за повисока цена. Искуството покажува дека откако ќе се намали, количината на еден производ не се зголемува кога ќе се променат околностите. Напротив, останува иста или продолжува да се намалува – појаснува Лончар-Велкова.
Во време на инфлација, сѐ повеќе производители прикриено ги зголемуваат цените и кај нас. Намалување на количеството е забележано и во козметиката и во храната за домашни миленици.
ОД ОПМ велат дека ова е нечесна практика кон потрошувачот, но дека не е забранета. Имено, намалувањето на количината на производот не е забранета практика, бидејќи не е во спротивност со важечкиот Закон за заштита на потрошувачите и со другите закони. Производителите не го информираат потрошувачот за намалувањето на количината на производите, туку честопати дури и се обидуваат да го скријат тоа со тоа што ќе го задржат изгледот на амбалажата непроменет.
И потрошувачите во Европа честопати реагираат за оваа појава, дека етикетата на која ја пишува грамажата, често е мала и не може да се забележи веднаш. Потрошувачите во Европа, исто така, се жалат дека на пакувањето на многу производи пишува дека содржи „100 проценти природни состојки“, иако производот е полн со дополнителни индустриски произведени состојки.
(А. С.)