Целоснo e реконструиран стадионот „ССК” во Драчево

25

Спортскиот стадион „ССК“ во населбата Драчево, кој некогаш важеше за едно од главните спортски обележја на Кисела Вода, по децениска запуштеност и негрижа доби целосно нов лик. Со свечена церемонија, во вчеравечер беше пуштен во употреба, благодарение на заложбите на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и поддршката од Фудбалската федерација на Македонија.

Од Општина Кисела Вода информираат дека обновениот стадион нуди услови кои се во согласност со современите спортски стандарди. При тоа, додаваат дека станува збор за целосна реконструкција што опфаќа девет нови соблекувални, современа теретана, туш кабини, поставена е нова заштитна ограда по целата должина на објектот, а тревната подлога е комплетно санирана. Посебно значајно, како што велат е и новото осветлување со рефлектори, кое овозможува користење на теренот и во вечерни услови – за тренинзи и официјални натпревари. 

Според локалната самоуправа оваа инвестиција значи враќање на животот на еден значаен спортски капацитет во општината, кој во минатото бил дом на многу успешни фудбалски имиња, а со реконструкцијата, „ССК“ повторно станува центар за младите спортисти и фудбалери од Кисела Вода и пошироко, создавајќи услови за нивен развој и афирмација.

– Заврши долгогодишната негрижа за овој спортски терен во Драчево кој во минатото беше едно од спортските одбележја на Кисела Вода. Обновата на спортска инфраструктура е поставена високо во листата на моите приоритети како градоначалник и се трудам тоа да им го овозможам на моите граѓани на секој начин – преку инвестирање, преку градење, преку лобирање до надлежните во случај кога друга институција ги има ингеренциите, како што е овој случај. Силно верувам дека обновата на „ССК“ ќе роди нови спортски ѕвезди, чии успеси сите ќе нѐ направат горди – нагласи Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ