четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Целосната примена на ЕЕС стартува од петок, подгответе се за чекање на...

Целосната примена на ЕЕС стартува од петок, подгответе се за чекање на европските граници

2374
Продолжениот викенд носи долги колони кон Грција

 

Воведувањето на ЕЕС-системот, според она што можеше да се види во досегашниот тест-период, ќе го отежни движењето на сите патници, а не само на оние што не се државјани на земјите членки на ЕУ. Да не заборавиме дека околу 2 милиони туристи од Србија и околу 500.000 од Македонија секоја година заминуваат за Грција и доколку се соочат со долго чекање на граничните премини, тие може да побараат и други алтернативни начини на патување, а не само со автомобил.

Како што информираше Министерството за внатрешни работи, од 10.4.2026 на надворешните граници на Европската Унија се започнува со целосна имплементација на системот за влез во ЕУ (EES – Entry/Exit System). Тоа значи дека патниците што не се од државите членки на ЕУ ќе бидат обврзани да ја внесат својата биометриска податочна база, како отпечатоци од прсти или лице, за да се обезбедат поголема безбедност и точност во процесот на проверка.

Во пресрет на продолжениот викенд, кој започнува од петок, 10 април, а со оглед на големиот број граѓани што ќе сакаат да патуваат во соседна Грција, разговаравме со командирот на граничниот премин Богородица, Александар Димовски.

Тој информираше дека тие, како гранична полиција, се подготвени, како со човечки ресурси така и со технички средства да го пречекаат зголемениот број возила и патници, кои веќе од четврток, 9 април навечер, а особено во утринските часови в петок, 10 април, ќе пристигнуваат на овој граничен премин. Кај нас, вели Димовски, нема да има проблеми, но оние што ќе се решат да патуваат во Грција во овој период да бидат подготвени за долго чекање, што ќе зависи од ефикасноста на грчките погранични служби.

Како пример тој ни наведе дека за продолжениот викенд по повод празникот Рамазан бајрам, на наша страна возилата чекале 25-30 минути, додека на грчка страна чекањето било од 3 до 3,5 часа.

Досега, напомена Димовски, грчката страна ги применуваше евиденцијата и регистрацијата на влез и излез на околу 75 % од патниците, а од 10 април сите патници што ќе ја преминуваат границата ќе бидат обврзани да остават фотографија и отпечатоци на прсти. Тоа уште повеќе ќе го зголеми времето на чекање, кое за едно возило со четворица патници ќе изнесува во просек по 10 минути.

Димовски очекува да настанат проблемите во шпиц-термините, кога ќе бидат исполнети сите колони од наша страна и ние нема да може да интервенираме никако, бидејќи сè ќе зависи од тоа колкав ќе биде протокот од грчката страна. Како гранична полиција, до 10 април ќе имаме средба со надлежните од граничниот премин Евзони, кога ќе имаме сознание дали грчката страна ќе има некакво олеснување за да се намали ова чекање. Имено, како што ме информираше командирот на ГП Евзони, наводно тие имале насоки од централната власт, во пресрет на летниот период да одделат една колона само за возилата со државјани членки на ЕУ.

Исто така, рече Димовски, од грчка страна се размислува во време кога ќе се создадат поголеми колони, да не се бара системот за повторна идентификација за сите патници, туку само за оние што ќе ги исфрли компјутерскиот систем.

На крајот да кажеме и тоа дека воведувањето на ЕЕС-системот, според она што можеше да се види во досегашниот тест-период, ќе го отежни движењето на сите патници, а не само на оние што не се државјани на земјите членки на ЕУ. Да не заборавиме дека околу 2 милиони туристи од Србија и околу 500.000 од Македонија секоја година заминуваат за Грција и доколку се соочат со долго чекање на граничните премини, тие може да побараат и други алтернативни начини на патување, а не само со автомобил. (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ