„Патот до кодификацијата не бил лесен, бидејќи македонскиот јазик бил систематски потиснуван, неговите средновековни ракописи биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект те на еден, те на друг нам туѓ јазик… Но, кодификацијата не запрелa. Бранејќи го јазикот ние го браниме и нашиот живот, и нашето заедничко име и нашата заедничка татковина. Го браниме всушност највозвишеното – нашата самостојност, нашата слобода, а заедно со нив и нашата иднина“, кажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната Свечена академија, која по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, под нејзино покровителство, се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

 

„Македонскиот јазик го легитимира македонскиот идентитет. Македонскиот јазик е наше природно и основно право и чувар на нашата колективна меморија. Со таква мисла во еден свој текст напишан пред точно 25 години Петре М. Андреевски истакна дека бранејќи го јазикот ние го браниме и нашиот живот, и нашето заедничко име и нашата заедничка татковина. Го браниме всушност највозвишеното – нашата самостојност, нашата слобода, а заедно со нив и нашата иднина“, кажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на вчерашната Свечена академија која по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, под нејзино покровителство, се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

Настанот започна со македонската химна во изведба на камерниот женски хор „Св. Злата Мегленска“, а во присуство на министри, пратеници, претставници на судската власт, на дипломатскиот кор, на верските заедници, академици и професори….

Во својот говор претседателката Силјановска –Давкова се осврна и премрежињата на патот на кодификацијата на македонскиот јазик, на предизвиците со кои се соочува, но и на идните чекори кои треба да се преземат за заштитата на македонскиот јазик.

„Денеска се собравме за да се потсетиме на еден од најважните моменти во македонската историја, кодификацијата на стандардниот македонски јазик. На 5 мај 1945 година на страниците на нашиот прв дневен весник „Нова Македонија“ било објавено решението на тогашната народна Влада на Македонија за македонската азбука. Еден месец подоцна на 7 јуни бил усвоен и македонскиот правопис. Со овие одлуки бил заокружен долгиот процес на оформување и кодификација на македонскиот литературен јазик. Патот до кодификацијата не бил лесен, бидејќи македонскиот јазик бил систематски потиснуван, неговите средновековни ракописи биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект те на еден, те на друг нам туѓ јазик… Но, кодификацијата не запрела, туку продолжила по партизанските патеки, на македонски јазик се одвивало првото државотворно заседание на АСНОМ чии што делегати го усвоиле решението за воведување на македонскиот, како службен јазик на македонската држава. Не случајно една од првите одлуки била да се формира комисија за јазик и правопис за да ја заокружи кодификацијата на македонскиот јазик  Задачата им била да се фатат нишките на сè она што се создавало во нашата писмена дејност за да се оформи дефинитивниот облик на македонскиот литературен јазик…“, кажа меѓу другото во своето обраќање претседателката Сиљановска-Давкова.

Министерот за култура Зоран Љутков, додаде дека низ историјата македонскиот јазик го поминал своето длабоко страдалништво.

„Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата.

Во мај 1945 година, македонскиот јазик воскресна. Конечно стана слободен, признат, кодифициран. Оттогаш, па до денес, ние не само што зборуваме на македонски – ние живееме со него, во него и низ него. Тој ни е дом, штит и огниште. И затоа сме денес тука – не само да се сеќаваме туку да сведочиме: дека македонскиот јазик не е даденост, туку искон. Идентитет и завет. Со кодификацијата на македонскиот јазик, за првпат еден народ кој со векови го чуваше својот збор во народните песни, во тивките шепоти низ планините и во писмата што не смееше да ги потпише со свое име – доби своја вистина.

Јазикот ни стана знаме“, посочи Љутков, цитирајќи го Блаже Конески “Јазикот не е само средство. Тој е животен простор на духот“.

Токму од тие причини додаде Љутков, “ние не сме само должни да го говориме македонскиот јазик – туку да го чуваме, да го негуваме, да го пренесуваме со љубов и знаење. Министерството за култура и туризам, востановуваме Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик – институција создадена не да контролира, туку да повикува на почит. Да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет“.

Весна Јаневска, министерка за образование и наука, пак, додаде дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и симбол на индивидуалноста и уникатноста.

„Како Влада работиме на зацврстување на неговата позиција на глобално ниво, пред сè на проширување на мрежата на лекторати како лулки на македонизмот, со што далекосежно се влијае на афирмирањето на нашата држава… Македонскиот јазик е заштитен со закон како нематеријално културно наследство, а ние треба правилно да го употребуваме“, посочи министерката Јаневска, која додаде дека Министерството за образование и наука  континуирано го поттикнува интересот на студентите за академско изучување на македонскиот јазик и книжевност и за оваа цел доделува стипендии за студиски програми за македонистика“, истакна меѓу другото Јаневска.

На денешниот ден ја одбележуваме 80-годишнината од кодификација на македонскиот стандарден јазик, настан кој овозможи озаконување и официјализирање на литературниот македонски јазик не само во рамки на тогашната Народна Република Македонија, туку и негово внесување во светското семејство на литературни јазици, рече академик Живко Попов, претседател на МАНУ. Тој во своето обраќање говореше од историски аспект за кодифицирањето на македонскиот јазик во дамнешната 1945 година и настаните кои придонеле за тоа, како прогласувањето на македонската азбука (5 мај), првиот Правопис на македонскиот јазик (7 јуни), прогласувањето за службен јазик во тогашната југословенска заедница, отворање училишта на македонски јазик на ослободените територии… Тој зборуваше и за борбата за признавање на македонскиот јазик и предизвиците со кои се соочувал во почетокот на 20 век, околу Првата светска војна, меѓу двете светски војни… Го спомена и печатењето на букварот за Македонците кои живеат во Грција, Абецедар со цел децата во училиштата да учат на свој мајчин јазик, што, за жал, никогаш не заживеало.

„Македонскиот јазик ја имал улогата на национален јазик, уште пред да стане службен со познатото Решение на АСНОМ донесено на неговото Прво заседание. Поради сето ова, аргументирано можеме да тврдиме дека официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква вештачка конструкција, туку претставува логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата јазична територија. Неговото дијалектно богатство вградено во литературата и стандардот го прави посебен, уникатен, и докажува дека македонскиот јазик има долга историја и особен влог во групата на словенски јазици и светското јазично семејство“, истакна Попов.

Пред присутните се обрати и д-р Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик која посочи дека е чест од името на Советот за македонски јазик да се обрати од говорницата на Македонската академија на науките и уметностите, чиј прв претседател бил Блаже Конески, великанот на македонистиката. Таа пред присутните наброја дел од научните постигнувања во областа на македонскиот јазик, но како што кажа, остана уште многу недовршена работа.

„На вакви датуми треба да се потсетиме на храброста и истрајноста на генерации Македонци кои успеаја да го реализираат вековниот македонски сон за своја држава и можноста да зборуваат и пишуваат на стандарден македонски јазик. За восхит е самопрегор на кодификаторите на македонскиот јазик кои успеаја да ги напишат сите потребни кодификувачки дела и со тоа дадоа добар темел за понатамошен развој на македонскиот јазик и негово збогатување“, кажа Груевска-Маџоска, која апелираше што поскоро да се донесе Национална стратегија за македонскиот јазик, со што  јазикот ќе го зачува својот статус и ќе ги следи новите барања на неговите говорители.    (Д.Т.)

Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ