Почитувани читатели,
денеска во вашите раце е 19.000-тиот број на ВЕЧЕР.
Овој голем јубилеј ви го посветуваме вам, драга публико, во знак на благодарност и почит што во изминатите децении секојдневно сте со нас, нè читате и ни верувате.
19.000 изданија не се само статистика туку сведоштво за истрајност, доверба и заедничка историја. Бројка вредна за почит, бројка со која се гордееме бидејќи е доказ дека во овие тешки времиња за печатените медиуми, вечеровите вести, анализи, коментари, репортажи, приказни од секојдневието, интервјуа, колумни од врвни имиња од општествениот живот… напишани од генерации и генерации новинари, секојдневно успеваат да ја разбудат вашата љубопитност. А ако се наредат една по друга 19.000 насловни страници, стотиците илјади текстови и фотографии, би ја испишале не само историјата на весникот туку и хрониката на македонското општество во изминатите повеќе од 62 години.
Дури и во ерата на алгоритмите, социјалните мрежи и вештачката интелигенција, вашата доверба останува нашата најголема вредност. Бидејќи, фактот што секојдневно нè читате и што верувате во нашата уредувачка политика и професионално новинарство е најсилната потврда дека вистинитата проверена информација и одговорноста сè уште имаат тежина. Токму тоа, во овие тешки времиња за традиционалните медиуми, за нас, вечеровци, е движечка сила и ветер во грб да продолжиме да бидеме глас на јавноста и хроничари на времето.
Затоа и денеска, во 19.000 број, како и впрочем во сите пригоди кога се потсетуваме на почетоците весникот ВЕЧЕР, со голем пиетет се потсетуваме на нашите колеги, визионерите Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски, кои во далечната 1963 година, на 11.11, го испечатија првиот број. И денеска, кога е отпечатен 19.000-тиот број ВЕЧЕР, им упатуваме голема благодарност и на сите генерации новинари, уредници, фоторепортери, технички и печатарски тимови кои со посветеност и одговорност го вградија својот печат во секоја страница на весникот.
ВЕЧЕР беше и остана сведок на времињата – на општествените промени, политичките пресврти, културните достигнувања и на секојдневните приказни на граѓаните.
ВЕЧЕР ќе продолжи да биде глас на јавноста, хроничар на времето и простор за различни мислења, секогаш со почит кон читателот. И уште повеќе од извор на информации. ВЕЧЕР останува чувар на идентитетот, на јазикот, на традицијата, на колективната свест.
Почитувани читатели,
ви благодариме што сте со нас – и вчера, и денес и утре. Остануваме заедно и натаму, преку печатеното издание, но и преку интернет-страницата vecer.press и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“. Ви ветуваме уште многу дружба, нови и интересни содржини.
ВЕЧЕР е еден и останува секогаш на ваша страна,
М-р Елизабета АРСОСКА
Главен и одговорен уредник












