Повеќето странски криминалци осудени во Велика Британија веднаш ќе бидат депортирани, наместо да отслужуваат 30 проценти од затворската казна како досега, предвидено е со новите планови на британската Влада, пренесуваат денеска медиумите.
Министерката за правда Шабана Махмуд ја предложи оваа измена на законот, која ќе ѝ даде на владата овластување да ги депортира повеќето странски затвореници веднаш штом ќе бидат осудени и префрлени во затвор, пренесува „Гардијан“.
Странските терористи, убијците и другите сериозни сторители на кои им е изречена неограничена казна, сепак, ќе продолжат да ја отслужуваат во Велика Британија пред да биде разгледана можноста за нивна депортација.