Брисел го урива ветото – крај за билатералните блокади?! 

Наместо секој технички чекор да зависи од едногласна поддршка на сите земји членки, да се употребува квалификувано мнозинство за техничките прашања во преговорите, предложиле Словенија, Германија, Австрија и Италија во писмо до претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, а 16 членки веќе ја поддржале оваа иницијатива. Целта е јасна: забрзување на проширувањето и ставање крај на билатералните блокади кои со години го кочат патот на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, но и на Украина и на Молдавија. Австриската и словенечката министерка за европски прашања, денеска од Скопје порачаа дека процесот не смее да се блокира со билатерални прашања бидејќи и на самата ЕУ ѝ се потребни и членките, но и кандидатките, поради сменетата геополитичка состојба и поради безбедноста

3237

Предлог за промена на начинот на донесување одлуки во пристапниот процес на земјите кандидатки за членство во Европската Унија е веќе на маса во Европската комисија. Словенија, Германија, Австрија и Италија испратиле писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за поведување иницијатива за поедноставување на процесот на носење одлуки и 16 членки веќе ја поддржале оваа иницијатива. Иницијативата предвидува наместо секој технички чекор да зависи од едногласна поддршка на сите земји членки, да се употребува квалификувано мнозинство за техничките прашања во преговорите. Целта е јасна: забрзување на проширувањето и ставање крај на билатералните блокади кои со години го кочат патот на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Македонија, но и на Украина и на Молдавија.

Австриската министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и словенечката државна секретарка за европски прашања, Нева Грашич, денеска на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, од Скопје порачаа дека оваа промена ќе придонесе за поефикасен, поправеден и посигурен процес на проширување.

– Среде Европа недостига еден голем дел да биде во состав на ЕУ, треба да се потрудиме да ја затвориме оваа празнина за да ја зголемиме безбедноста на континентот и да го поврземе она што си припаѓа едно на друго. Процесот на приклучување трае веќе 20 години, веќе 20 години ѝ ветуваме на Северна Македонија дека ќе стане членка на ЕУ. Денеска имам новина од Австрија за вас. Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат… За крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност, но во меѓувреме ќе се намалат тензичните билатерални односи и ќе може во поголема мера неутрално да се носат одлуки, нагласи Плаколм.

Таа појасни дека станува збор за квалификувано мнозинство за техничките чекори, но напомена дека е потребна политичка волја за да заживее оваа иницијатива.

– За нас е јасно дека за големите прашања, како заедничката безбедносна и надворешна политика ќе мора да зборуваме во еден глас, но во пристапните разговори не смее да има кочења во меѓучекорите со билатерални и внатрешно-политички прашања, секако за почетокот и за крајот на процесот треба да постои едногласност, нагласи австриската министерка.

Грашич се надоврза дека и Словенија, како и Австрија, инсистира Македонија што поскоро да влезе во ЕУ. Таа додаде дека нејзината земја е една од оние кои ја поведоа инцијативата за воведување квалификувано мнозинство за технички прашања.

– Проширувањето на ЕУ и натаму е наш приоритет, пред сè, поради геополитичката динамика. Инсистираме и Северна Македонија да стане дел од ЕУ до 2030 година и го разбираме разочарувањето. Словенија и Германија неодамна предложија гласање со квалификувано мнозинство за технички прашања поврзани со проширувањето и сакаме да ги видиме земјите од Западен Балкан, но и другите од Истокот што е можно побрзо да напредуваат, ова е наш придонес. Кога Словенија се приклучуваше процесот беше полесен, со помалку Аки, сега е потежок во однос на усогласувањето со законодавството на ЕУ. Унијата сега е посилна со поконкретизирани закони, истакна Грашич.

Министерот Муртезани посочи дека ние како земја говориме дека методологијата на проширување треба да претрпи одредени промени, не само поради тоа што сме го почувствувале на наша кожа, туку и поради тоа што, за жал, вели, тоа станува практика и не им штети само на интересите на земјите кандидати, туку и на стратешкиот интерес на ЕУ.

– Тоа е особено поради фактот што го отежнува пристапувањето и остава простор за, условно кажано, злоупотреба на билатерални процеси во пристапување. Сменета е геополитиката и мора да се воспостави методологија, која ќе овозможи брзо заокружување на процесот во овие услова на неизвесност, рече Муртезани.

Двете високи претставнички ја изразија и својата целосна поддршка за дијалогот меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува дека ќе се случи по изборите, односно по Нова година, оценувајќи дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за заедничката европска иднина. Плаколм и Грашич нагласија дека тие се силни поддржувачи на дијалогот и дека билатералните прашања треба да се дискутираат и да се решаваат билатерално, а кога станува збор за проширувањето членките треба да зборуваат во еден глас.

– И затоа сметаме дека токму квалификуваното мнозинство ќе помогне во тоа – додаде Плаколм.

Грашич се надоврза дека билатерализацијата на процесот на проширување е секако загрижувачка.

Таа нагласи дека процесот не смее да се блокира со билатерални прашања бидејќи и на самата ЕУ ѝ се потребни и членките, но и кандидатките, поради сменетата геополитичка состојба и поради безбедноста.

– Секоја рамка, секој дијалог, кои ќе ги поттурнат Северна Македонија и Бугарија ги поздравуваме и ги поддржуваме – рече таа и изрази задоволство што и Советот на ЕУ и претседателот Антонио Кошта, како и Европската комисија изразиле подготвеност за тоа.

Министерот Муртезани потврди дека македонската Влада е решена да продолжи со „реформите и со активен придонес кон стабилноста, солидарноста и единството на Европската Унија“. Муртезани и минатата недела потврди дека кај премиерот и кај Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија и дека веќе има конкретни размислувања како да се направи тоа.

 

 

ИЗДВОЕНИ