БРАНУВАЊАТА ВО ВЛАДИНИТЕ РЕДОВИ ОДАТ КОН РАСПЛЕТ: Таравари тргна кон вратата

465

Нови пораки дека веќе не му е местото во Владата поради соработката со ДУИ испратија вчера и денеска коалициските партнери до крилото на Алијансата на Албанците предводено од Арбен Таравари. Од таборот на Вреди, но и од ЗНАМ стасаа ставови дека соработката со опозициските „интегративци“ значи и крај на партнерството во Владата. Наспроти ова, во ВМРО-ДПМНЕ сè уште не доаѓа категоричен став околу статусот на АА во Владата, а кој е најавен за кон крајот на месецов. Дотогаш, се упатуваат само предупредувачки ставови дека соработката со ДУИ ќе значи крај на политичката кариера на сè уште актуелниот министер за здравство. Во меѓувреме, Таравари и натаму молчи на прашањата кои му ги упатуваат владините партнери и не се изјаснува дали по контактите што ги имал со Али Ахмети, веќе договорил и изборна соработка со ДУИ на есенските локални избори. Наместо одговор кој би ги расчистил дилемите околу неговиот статус во Владата Таравари и натаму презема чекори кои укажуваат дека тој со своето крило ќе излезе самостојно на изборите. Така, синоќа во Гостивар ова крило на АА веќе го формира изборниот штаб за локалните избори на чие чело беше поставен Исак Лазами.

-Нека ни е со среќа, напиша кусо Таравари во објавата на социјалните мрежи.

Од друга страна, Билал Касами, еден од лидерите во коалицијата Вреди, од Тетово пак му порача на Таравари дека веќе не му е местото во Владата.

-Нема да има место во Владата за политички партии кои досега биле дел од коалицијата Вреди, но се обидуваат да соработуваат со ДУИ. Соработка со ДУИ и Али Ахмети и останување во Влада и во Вреди не може, а тоа го дадовме јасно како порака и до премиерот и се договоривме, се согласивме дека во оваа фаза кога оваа Влада работи во делот на справување со корупцијата на претходните влади и на елементи од оваа Влада не можеме да прифатиме да има членови во Владата кои соработуваат со вакви елементи. Сигурно дека во следните денови ќе има и конкретни чекори во овој правец, потенцира Касами по завчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски.

Тој, сепак, не кажа дека дали тоа значи дека во наредниов период ќе се објави одлуката за отстранувањето на АА од владините редови. Но, впечатокот во јавноста е дека групацијата на Таравари со една нога е веќе надвор од владините структури. Прашањето кое останува е само дали заминувањето би ги опфатило сите актуелни петмина пратеници и повеќе владини функционери од редовите на оваа групација. Според Касами, сепак имало членови на АА, кои не се согласуваат со ставовите на претседателот Таравари.

-Веќе има многу гласови во рамките на Алијанса кои не се согласуваат со нивниот претседател, кој јавно кажува дека во одредени општини се подготвени да соработуваат и со ДУИ – изјави Касами.

Во овој контекст, прексиноќа, индикативна беше и изјавата на сопартиецот на Таравари и министер Арбен Фетаи:

-Верувам дека АА ќе остане верна на својот пат – патот на Арбри, на достоинство и храброст. И верувам дека, со заедничка волја, можеме да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото владеење на ДУИ – напиша прексиноќа на својот фејсбук-профил, Фетаи.

Денеска и коалицијата Вреди во свое соопштение го нарече Травари како „Бег кој  решил да се врати во ДУИ, која не може да се дефинира поинаку, освен како казан во кој вријат кражби, криминал и корупција“.

И лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска порача дека партнер во Владата не може да им биде некој кој соработува со ДУИ.

-Таравари мора да се произнесе дали има или нема соработка со ДУИ. Од моментот кога тоа ќе потврди нема да го сметаме за владин партнер – потенцира Димитриевски.

Потпретседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, вчера изрази надеж дека Таравари нема да го направи она што се чини дека го прави.

-Не оставаме никаков простор за соработка со ДУИ на кој било елемент од Владата и во која било форма: формална, неформална, само за локални избори, и тука е главната забелешка кон Таравари и неговото однесување. Веќе кажав дека со целото искуство што го има Таравари, не верувам дека е толку наивен да изврши политичко самоубиство и да заврши во прегратките на ДУИ. Се надевам нема да ме демантира – подвлече Николоски.

Ваквите случувања, според лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, водат кон распадот на владината коалиција.

-Прашање на време е кога целата коалиција ќе се распадне, очигледно ништо суштински не ги врзува политичките партии во таа коалиција. Единствена работа што ги води партиите во таа коалиција се нивни теснопартиски и финансиски интереси, така што, таква коалиција којашто не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред, а за тоа сведочиме секој ден, осудена е само на една работа, а тоа е неуспех, изјави Филипче.

Во однос на можната изборна соработка со крилото на Таравари, Филипче, пак, рече дека тоа ќе се види од развојот на случувањата.

-Не знаеме како Арбен Таравари ќе се однесува понатаму, дали ќе прави некакви коалиции или не, да почекаме и да видиме. Како ќе се одвиваат работите, тоа не е наша работа. Ние во СДСМ се спремаме за претстојните избори и нашите врати се отворени и канали на комуникација, бараме партнери – рече лидерот на СДСМ. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ