Ова не е само уште еден проект, туку силен сигнал дека Македонија оди напред – со визија, со јасна цел и со решителност да стане енергетски независна, современа и просперитетна земја“, рече министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на настанот на „Алказар енерџи“ , на кој свечено беше означен почетокот на изградбата на најголемиот ветерен парк во државата.
Инвестициите во ветер, сонце, вода, не се само проект. Тие се мостови кон економска стабилност, зелена транзиција и нови работни места за македонските граѓани. Со оваа инвестиција се градат можности за младите, се градат индустриски капацитети за целата држава и енергетска сигурност за многу домаќинства“, вели Божиновска.
Планираните 55 турбини на површина од 326 хектари меѓу Штип, Карбинци и Радовиш ќе обезбедуваат струја за околу 100 000 домаќинства и ќе овозможат трајнавредност за економијата.
„Оваа Влада ја постави енергетиката како столб на развој и нема да застанеме додека не ја трансформираме Македонија во регионален центар за обновлива енергија,“ рече министерката, упатувајќи благодарност до меѓународните инвеститори за довербата. Таа порача дека натамошното јакнење на енергетската безбедност е условено од вакви стратешки вложувања, „работени според правилата и во интерес на иднината“.
Ќе создадеме систем што произведува своја енергија, чиста, стабилна и македонска. Ова е моментот да покажеме што можеме: да бидеме регионален лидер во обновливите извори и земја што ги чува своите ресурси,“ заврши Божиновска, испраќајќи порака дека денешниот настан претставува пресвртница во патот кон енергетска самостојност и зелен раст.
Покрај Божиновска, на свеченоста присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и коосновачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон. Од компанијата нагласија дека проектот, најголем од ваков тип во регионот, ќе ги поттикне локалните бизниси и ќе отвори нови индустриски капацитети.