Товарниот железнички сообраќај е повторно воспоставен откако машинскиот и извршен персонал на ЖРСМ Транспорт кој претходниот ден бојкотираше да работи, се договори со менаџерскиот тим на претпријатието. Бојкотот беше поради тоа, како што истакнаа од синдикатот на машиновозачите, неисполнување на нивните 15 барања кои на 2 октомври ги доставиле до менаџерскиот тим.

– Заедно со државниот секретар Стефан Волкановски и со поддршка од министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, одржавме конструктивна средба со машинскиот и извршниот персонал на ЖРСМ Транспорт. Ги отворивме сите клучни тековни и наследени прашања кои ги засегаат нашите машиновозачи, прашања што со години наназад остануваа нерешени поради состојбата во која беше затекната компанијата во 2024 година. Посветеноста на машинскиот персонал и колегите од одржување беше клучна за повторното воспоставување на товарниот сообраќај и стабилизирањето на системот – вели директорот на ЖРСМ Транспорт, Дејан Кошутиќ.

Дел од барањата на машиновозачите се исплата на прекувремените часови, а за оние кои направиле над 150 прекувремени часови да им биде исплатена бонус плата, покачување на коефициентот за 0.80 поради зголемени животни трошоци, исплата на 10 отсто на плата за вонредно повикување на работа…

Дел од барањата се однесуваат на сите вработени, а дел на машиновозачите. Станува збор за вкупно 603 вработени. Од нив 46 се активни машиновозачи и околу 30 помошници.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ