По успешното претставување во рамките на „Охридско лето“, претставата „Кориолан“ на Битолскиот театар во режија на Џон Блондел, на 21 јули, ќе ја има светската премиера во рамките на „Шекспир Фринџ фестивал“ во Верона, Италија. Современата адаптација на безвремената трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Ликот на Кориолан го игра Васко Мавровски, а покрај него играат и Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска-Илиевска.

– „Кориолан“ е дело кое првпат се поставува на театарските сцени низ Македонија. Имаме екипа која е подготвена да се соочи со предизвикот на македонска и светска премиера на „Кориолан“, вели директорот на Битолскиот театар, Васко Мавровски.

Инаку, ова е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола, партнерство кое низ годините резултираше со препознатливи и високооценети театарски остварувања. Блондел е директор на „Верона Фринџ фестивал“, кој посочи дека тој лично изразил желба да работи со екипата на Народен театар Битола.

„Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир. Напишано е во 1608 година и е последната трагедија што ја напишал. „Кориолан“, според Блондел, не е само приказна за еден воен херој, туку за секое време во кое живееме.

Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, музиката на Александар Димовски, а суфлер е Мирјана Христовска.

Битолскиот театар ќе ја претставува Македонија на овој фестивал заедно со театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија.

ИЗДВОЕНИ