Во време кога авионските патувања се дел од секојдневието, безбедноста останува клучната, иако тивка грижа на патниците. Токму затоа големо внимание привлекува најновото рангирање на AirlineRatings.com, кое за 2026 година ги објави листите на 25. најбезбедни авиокомпании со целосна услуга и 25. најбезбедни нискобуџетни превозници од вкупно 320 авиопревозници во светот.
Годинава е забележан историски пресврт: Etihad првпат се најде на врвот на листата за целосна услуга, станувајќи и првата авиокомпанија од Персискиот Залив што ја понела оваа титула. Според извршната директорка на платформата, Шерон Петерсен, успехот е резултат на комбинација од модерна флота, напредни технологии во пилотската кабина, одлично управување со турбуленции и беспрекорна безбедносна историја без фатални несреќи.
Сепак, пораката на анализата не е во тоа кој е прв, туку колку се мали разликите меѓу водечките. Помалку од четири поени ги делат позициите од првото до 14. место, што, според Петерсен, покажува дека сите компании во Топ 25 припаѓаат на светската елита и дека драматичните споредби за „побезбедни“ и „поопасни“ превозници се неточни.
Методологијата на AirlineRatings вклучува анализа на стапката на инциденти по лет, возраста на флотата, обуката на пилотите и меѓународните ревизии, со засилен фокус на превенцијата од турбуленции – водечка причина за повреди за време на лет. Затоа, учеството во програмата IATA Turbulence Aware и транспарентното известување имаат зголемена тежина во оценувањето.
По Etihad, следуваат реномирани имиња како Cathay Pacific, Qantas, Qatar Airways, Emirates и Lufthansa, додека Singapore Airlines се враќа во Топ 25 по темелни безбедносни подобрувања. Истовремено, STARLUX и Fiji Airways првпат влегуваат на листата, што укажува на поширока глобална рамнотежа во безбедносните стандарди.
Кај нискобуџетните превозници, HK Express втора година по ред е на првото место, благодарение на модерната флота и исклучително ниската стапка на инциденти. Вклучувањето на Spring Airlines China, првата кинеска компанија на листата, и напредокот на airBaltic дополнително го обележуваат годишното рангирање.
Иако сите компании пријавиле поединечни инциденти во последните две години, реалната стапка на ризик останува исклучително ниска. Заклучокот е јасен: современата авијација се потпира на долгорочна конзистентност, силна култура на безбедност и ефикасно управување со ризици, а патниците денес летаат во услови на речиси универзално високи стандарди.
(С.Бл.)












