Државата подготви построг закон за заштита од пушење, кој целосно забранува пушење во сите затворени јавни простори и на дел од отворените тераси. Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој вчера и официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.
Доколку биде усвоен, со законот ќе се укине можноста за пушење во сите затворени јавни простории, вклучително и угостителските објекти, без исклучоци, а со цел унапредување на јавното здравје и заштита на непушачите. Ова значи дека повеќе нема да биде дозволено пушење ниту во одделни простории, ниту со посебни вентилации, како што беше случај досега.
Исто така, законот изрично ќе забрани пушење пред и во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.
Посебен акцент се става и на забраната за пушење во автомобилите, особено кога во возилото има деца. Надлежните институции посочуваат дека оваа мерка е насочена кон заштита на најмладите од штетните последици на пасивното пушење.
Новите правила ќе важат и за електронските цигари, вејпинг уредите и другите никотински производи, кои ќе бидат третирани исто како класичните тутунски производи. Со тоа, нивната употреба исто така ќе биде забранета во сите простории и места каде што не е дозволено пушење.
Дополнително, законот предвидува и построги правила за продажба и изложување на цигари, со цел да се намали нивната видливост и достапност, особено за младите.
Предлог-законот во наредниот период треба да биде ставен на јавна расправа, по што ќе следува собраниска процедура. Доколку биде усвоен, се очекува да стапи на сила по утврден преоден рок, за да им се овозможи на граѓаните и угостителите да се прилагодат на новите правила.
Од Владата посочуваат дека целта на мерките не е казнување, туку создавање поздраво општество и намалување на штетните последици од пушењето, кое и понатаму претставува еден од најголемите здравствени ризици во земјата.












