Бесплатниот ПАП-тест е невозможна мисија

Се чека со месеци, пациентките во зорт плаќаат приватно

187

Бадијала ни се кампањи за рано откривање рак на грлото на матката кога за бесплатен ПАП-тест, преку скрининг програмата на Министерството за здравство, се чека по неколку месеци или, пак, воопшто не се дочекува повикот од матичниот гинеколог. Скопјанка уште го чека повикот од својот гинеколог да ѝ направи бесплатен тест, иако испратила барање за тоа, преку интернет-адресата за скриниг програмата, уште од Нова година. Се пријавила бидејќи влегува во возрасната група од 21 до 59 години, ги оставила податоците на „Мој термин“ и еве, и по неколку месеци, никој не ѝ се јавува за бесплатниот тест што има можност да го направи еднаш на три години.

– Е па, ако одите на матичен гинеколог, резултатите од ПАП-тестот ќе ги добиете по дури месец-месец и половина. Тие резултати веќе ниту се валидни ниту, пак, значат нешто ако во меѓувреме ви се јават други симптоми – вели друга жена, која не можела да го чека бесплатниот ПАП преку „Мој термин“, па морала да закаже кај матичниот гинеколог, што ја чинело од 500 до 600 денари, додека приватното тестирањето е околу 5 500 денари.

И така, оној што повикува на рана превенција како најдобар лек за болеста, а тоа се здравствените власти, ја одложува со месеци или, пак, во некои случаи воопшто не ја спроведува. За разлика од бесплатната мамографија, која, иако бавно, сепак се спроведува, ПАП-тестирањето е невозможна мисија.

Весникот ВЕЧЕР консултираше неколкумина гинеколози што работат со Фондот за здравство, велат дека не добиваат известување од „Мој термин“ кого треба да го повикаат за бесплатниот тест.

– Јас имам пријавено преку 2 000 пациентки за тестирање, но не добивам известување, односно и-мејл на која жена треба да ѝ закажам. Ако порано, кога почна програмата, имаше по 10-20 пријавени, сега свеста за раното дијагностицирање е многу поголема и се пријавуваат илјадници. Има жени што се пријавиле уште лани, сепак проблемот е во „Мој термин“ – објаснуваат лекарите за весникот ВЕЧЕР и велат дека пациентките што закажале преку скрининг и ги прифатила програмата, да не чекаат, туку да дојдат да закажат бесплатен ПАП кај своите матични гинеколози.

Од Министерството за здравство пак топката ја префрлаат кај матичните гинеколози, велат дека можат во реално време да ги следат пријавените пациентки и да прават упати за ПАП тест.

„Матичниот гинеколог има можност да упатува и пациентки кои не се пријавиле преку веб-платформата, согласно својот план за повикување и спроведување на скрининг прегледите. Организацијата на работата, вклучително и контактот со пациентите и темпото на изведување на тестовите, е во надлежност на здравствената ординација“ објаснуваат за весникот ВЕЧЕР од МЗ. Според податоците до месец мај преку скрининг програмата се пријавиле 423 жени за ПАП тест.

„Доколку гинекологот постави индикација дека треба да се земе почесто ПАП тест, заради евентуално сомневање на некои неправилности на грлото на матката (ранички на грлото на матката) кај пациентката, во договор со ПЗУ е назначено дека и тој ПАП тест е со партиципација“, дополнуваат од МЗ

ПАП-тестирањето не може да се прави во секое време, како во случајот со мамографијата, па тоа е дополнителен проблем во закажувањето термин.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, карциномот на грлото на матката e шестиот најчест карцином кај жените во Македонија, во последните 10 години, со просек од 51 смртен случај годишно. Дополнителен проблем е тоа што нема гинеколог по селата, па жените мораат да патуваат до најблискиот град. За таа цел, функционира мобилната гинеколошка амбуланта, која, според достапните податоци, лани посетила 74 места, каде што биле прегледани 766 жени и девојки што немаат матичен гинеколог. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ