Белградската полиција го уапси и второто лице поврзано со нападот со бомба врз семејната куќа на пејачот Здравко Чолиќ.
Апсењето е извршено вечерва по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, објавува „Н1 Србија“. Приведен е М.А. (23), кој е осомничен дека му помогнал на првоосомничениот, С.М., кој беше уапсен вчера за ова кривично дело.
Бомбата била фрлена во дворот на куќата во раните утрински часови на 3 февруари. Во нападот нема повредени, но е предизвикана материјална штета. Пејачот Здравко Чолиќ не бил дома во времето на инцидентот, туку бил во Загреб, каде што работи на нов албум. Во својата прва изјава за медиумите по инцидентот, Чолиќ потврди за ТВ Уна дека неговото семејство е безбедно. „Сè е во ред во Белград, фала му на Бога што сите се добро“, рече тој.












