Еден од најмоќните руски банкари, Андреј Костин, изјави дека Москва ќе возврати доколку Европската Унија ги искористи замрзнатите руски државни средства за заем за Украина. Тој предупреди дека Русија би можела да поведе судски спор долг половина век за тие пари, објави „Ројтерс“.
Во страв од руска одмазда, белгискиот премиер, Барт де Вевер, инсистира владите на ЕУ да ѝ дадат на Белгија покритие со финансиски гаранции што надминуваат 140 милијарди евра и што можат да се исплатат во рок од неколку дена за да ги ослободи замрзнатите руски пари што се чуваат во Брисел. Тој, исто така, сака рокот на траење на овие гаранции за таканаречениот репарациски заем за Украина да го надмине времетраењето на санкциите на ЕУ против Русија.
Европските влади, како што пишува „Политико“, сметаат дека Белгија има прекумерни барања за заштита со „бланко чек“ во случај Кремљ да ја тужи. Иако тие се отворени за гарантирање на однапред договорена бројка, не се подготвени да се согласат со она што го опишуваат како „бланко чек“. Четворица дипломати на ЕУ изјавија за „Политико“ дека не може да го прифатат барањето на Де Вевер, бидејќи тоа би ја оставило финансиската одржливост на нивните земји на каприцот на судската одлука, потенцијално изложувајќи ги на милијарди евра отплата, години по завршувањето на војната во Украина.
– Ако (гаранциите) се бесконечни и без ограничувања, тогаш во што се впуштаме? – прашува еден од нив.
Европската комисија е на работ да ја открие правната рамка за заемот во трка со времето за да се осигури дека нема да се испразни воениот фонд на Украина во април. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, на „Икс“ најави дека се планира да бидат поднесени законските предлози оваа недела, а лидерите на ЕУ ќе го кажат своето мислење кога ќе се состанат кон средината на декември.












