Вишото државно обвинителство во Подгорица ги истражува околностите за смртта на новороденчето кое почина во саботата навечер во болница во Никшиќ поради задушување со млеко.
Ова за „Вијести“ го потврди обвинителството, објаснувајќи дека е издадена наредба за обдукција на телото.
„Вишото државно обвинителство во Подгорица оформи предмет во врска со смртта на новороденче во Општата болница во Никшиќ, кој е во фаза на истрага, при што е издадена наредба за обдукција на телото, а ќе бидат преземени и други мерки и дејствија по потреба за донесување одлука“, се вели во одговорот.
Црногорскиот портал „Вијести“ го контактираше специјалистот по судска медицина д-р Немања Радојевиќ во врска со овој случај, кој потврди дека завчера е извршена обдукција на новороденчето и дека е утврдена причината за смртта.
Тој изјави дека за ова го информирал семејството на починатото бебе и Вишиот државен обвинител, кој ја издал наредбата за обдукција. Тој рече дека наодите ќе бидат испратени до обвинителството за неколку дена, но дека поради фактот што истрагата на обвинителството е во тек, во овој момент не може да даде дополнителни детали.
Според неофицијални информации, новороденчето е родено здраво и било задржано во неонатолошкиот оддел поради покачени нивоа на билирубин, односно жолтица, но оваа честа состојба кај новороденчињата не е причина за смртта. Во моментот на смртта, лекар и медицинска сестра биле дежурни во одделението, тврдат изворите.
Во писмо од семејството, кое е испратено до медиумите, пишува дека девојчето Х. Ш. е родена здрава на 22 октомври од таткото Г. Ш. и мајката Т. Ш., и добила највисока оценка за време на породувањето, кое поминало без никакви компликации.
„Во сабота, 25 октомври, на новороденчето му била дијагностицирана жолтица. Таа била однесена од нејзината мајка околу 18:30 часот тој ден во собата каде што требало да остане 24 часа и никогаш не се вратила“, беше објавено.
Семејството тврди дека, според прелиминарниот извештај од обдукцијата што го добиле, смртта настапила во саботата околу 21:10 часот, а причината за смртта била задушување со храна при повраќање.
„Бебето било оставено само, никој од болничкиот персонал не бил таму да ѝ помогне, да ја преврти, да ја потапка, што и да е…“, наведува семејството во писмото, објаснувајќи дека извештајот од обдукцијата, кој укажува на можна небрежност од страна на вработените, е испратен до обвинителството.
Министерството за здравство, на чело со Воислав Шимун, вчера не даде никакви соопштенија, а „Вијести“ неофицијално дознава дека со овој случај ќе се занимава и надворешна комисија на тој владин оддел, покрај внатрешната, болничка комисија.












