Успешните заплени на виртуелни средства остануваат исклучително ретки во регионот. Досега се регистрирани само три случаи на заплена на криптовалути во целиот регион
Криптовалутите станаа „меч со две сечила“ во Западен Балкан. Се користат не само за легален бизнис, туку и за разни криминални активности. Она што е најстрашно, државите од западен Балкан немаат капацитет за борба со тие нелегални активности, па се соочуваат со сериозни тешкотии во следењето и запленувањето на дигиталните средства. Србија и Албанија направија чекор напред кога станува збор за регулирање на криптовалутите, додека другите земји заостануваат. На рака на крипто-криминалците им одат лоши закони, недостатокот на обучени луѓе и слабата соработка меѓу државите, пишува „Блиц“.
За да се реши овој проблем, според Глобалната иницијатива против транснационалниот криминал (ГИ-ТОЦ), потребни се подобри закони, повеќе експерти, подобра соработка со приватниот сектор и посилна соработка меѓу земјите.
-Во 2023 година, приближно 240.000 луѓе во регионот, првенствено во Србија, поседувале криптовалути со обем на трансакции проценет помеѓу 25 и 30 милијарди американски долари, наведува „ГИ-ТОЦ“, објаснувајќи дека криптовалутите се широко распространети и на легалните и на нелегалните пазари низ целиот Западен Балкан.
Во регионот, Црна Гора стана клучна земја за употреба на криптовалути на пазарите на „темната мрежа“, односно за употреба на криптовалути за трансакции на нелегални интернет пазари, додека Албанија, Македонија и Србија доживеаја значително зголемување на употребата на криптовалути.
-Опсегот на криминални активности се прошири и вклучува перење пари, измами и нелегално рударење криптовалути, соопшти ГИ-ТОЦ.
Додека некои земји од Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Македонија и Србија, постигнуваат напредок во конфискацијата на традиционалниот криминален имот, како што се готовина и недвижнини, Босна и Херцеговина и Црна Гора сè уште се мачат со тоа. Но, кога станува збор за виртуелни средства, работите се многу посложени поради брзината на трансакциите, предизвиците во следењето на сопственоста и регулаторните дупки.
-Овие тешкотии се особено изразени во Западен Балкан, каде што на многу земји им недостасуваат сеопфатни регулаторни рамки и техничка експертиза, потребни за ефикасен надзор на криптовалутите, наведува „ГИ-ТОЦ“.
Затоа, успешните заплени на виртуелни средства остануваат исклучително ретки во регионот. Досега се регистрирани само три случаи на заплена на криптовалути во целиот регион. Еден од случаите, според „ГИ-ТОК“, бил поврзан со албанска организирана криминална група која се занимавала со трговија со дрога и кражби. Албанските сили за спроведување на законот во соработка со колеги од Белгија, Холандија, Шпанија и Европол, спроведоа операција против оваа група во текот на 2024 и 2025 година. Потоа беа запленети готовина, блокирани банкарски сметки и други средства во сопственост на оваа група, вклучувајќи паричници со криптовалути во вредност од десет милиони американски долари. Друг случај на конфискација доаѓа од Србија. Во меѓународна акција предводена од Германија, Бугарија, Кипар и Србија, а координирана од Европол и Евроџаст, беше разбиена криминална мрежа која измамила 127.000 луѓе преку лажни крипто инвестициски шеми. Наводно, криминалната мрежа користела кол-центри во Србија, се потпирала на Бугарија за техничка поддршка и перела пари преку Кипар. Во јануари 2023 година, полицијата заплени неколку паричници со крипто-средства со вкупна вредност од еден милион американски долари.
Исто така, како што пишува „ГИ-ТОЦ“, постојат индикации дека во Босна и Херцеговина се запленети крипто-средства поврзани со меѓународна организација за трговија со дрога. Според судски службеник во Сараево, судските досиеја покажуваат дека се запленети криптовалути и наредена е нивна конверзија.