Одличните натпревари „раѓаат“ и големи херои. Овој пат се „роди“ еден таков во плејофот за влез во шпанската Ла Лига и дуелот меѓу Овиедо и Мирандес.

Овиедо успеа да влезе во елитното друштво за наредната сезона, а јунак на мечот беше легендарниот Санти Казорла. Тој го одведе клубот во првата шпанска лига по пауза од 24 години. Па така, овој клуб повторно ќе има можност да игра против Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Атлетик Билбао, Севилја, Бетис… Но, да се навратиме на Касорла, 40-годишен офанзивен играч и легенда на шпанскиот фудбал. Тој има неверојатна, би рекле, фудбалска приказна зад себе. Лекарите со право велат дека тој е феномен.

Навивачите на Овиедо создадоа неверојатна атмосфера на стадионот по натпреварот, а потоа и на улиците на градот. Поточно, целата Астурија, шпанска покраина, беше будна поради успехот на Овиедо. Се вееја шпански и сини астуриски знамиња. Најпознатиот спортист во градот, Фернандо Алонсо, двократен светски шампион во Формула 1, исто така беше на стадионот.

Како и да е, да се вратиме на нашиот херој Санти Казорла и на неговата животна приказна. Тој влезе во својата петта деценија од животот, а во реваншот го постигна израмнувачкиот гол за Овиедо, кој ја стави публиката на стадионот во транс, бодрејќи ги играчите на домашниот тим со песни во текот на сите 120 минути.

Пред нешто помалку од девет години, Санти Казорла се соочи со сериозна повреда што му го промени животот и ја насочи неговата кариера. Во тоа време, во септември 2016 година, го носеше дресот на Арсенал и ја скина Ахиловата тетива на натпревар против Лудогорец во Лигата на шампионите. По тоа, неговиот живот се претвори во пекол.

Не беше соодветно лекуван, бактериите влегоа во неговата рана и практично „изедоа“ десет сантиметри од тетивата. Потоа таа го нападна зглобот, каде што, според него, докторот можел да стави прст. Ужасната повреда го оддалечи Казорла од терените 22 месеци. Наместо да биде дома и на теренот, тој ги помина деновите по болници, а сите лекари му велеа дека ќе биде среќен човек ако може да шутне фудбалска топка до својот син, Енц, во дворот. Сепак, Санти Казорла е чудо на природата. Тој успеа да победи и да ги побие сите медицински предвидувања, станувајќи медицински феномен.

Кога закрепна од повредата, неговиот договор со Арсенал истече, па во летото 2018 година се врати во Шпанија, потпишувајќи договор со Вилјареал, клубот каде што ја започна својата професионална кариера. Две години подоцна, се пресели во катарскиот Ал Сад, од каде што се врати во својот матичен клуб, каде што почна да игра фудбал првпат во животот. Тој беше решен да ја заврши кариерата таму каде што ја започна. Овиедо беше изборот на неговото срце. Тој не беше заинтересиран за пари. Имаше само една цел: да го врати Овиедо во елитната класа на шпанскиот фудбал по 2001 година. И успеа во тоа.

Колку многу му значеше враќањето во Овиедо, најдобро покажува фактот што сакаше да игра бесплатно. За своја душа, за себе.

  • Би играл бесплатно, но правилата на лигата налагаат да ми платат барем минимум. Сопругата ми рече да не одам во Овиедо за да играм за пари, туку за да уживам – објасни Санти Казорла.

Вреди да се спомене дека Санти беше двоен европски шампион со шпанската фудбалска репрезентација, па влегувањето на Овиедо во Ла Лига го спореди со овие успеси.

  • Место во Ла Лига со Овиедо е на ниво на освојување на Европското првенство! Ова беше најголемиот натпревар во мојата кариера, беше особен – беше јасен Казорла.

ИЗДВОЕНИ