Авион со шест лица исчезна по полетувањето од Бермуди во саботата наутро, а Крајбрежната стража на САД започна итна потрага по леталото и патниците во него.
Крајбрежната стража на САД потврди дека е во тек потрага по авионот, кој исчезнал додека летал на релацијата од Бермуди кон Бостон.
Во соопштение објавено на платформата за социјални медиуми „X“ се наведува дека Федералната управа за авијација (FAA) изгубила контакт со авион од типот „Галфстрим“ (Gulfstream), кој летал на рутата Бермуди-Бостон, во раните утрински часови во саботата.
„Воздушните и поморските единици на Крајбрежната стража на САД започнаа потрага по леталото“, се вели во соопштението.
Според моментално достапните информации, потрагата е насочена кон областа во близина на брегот на Нантакет, Масачусетс. Официјални лица потврдија дека станува збор за авион „Галфстрим Г100“ (Gulfstream G100) со регистарски број CGRJP.
Засега нема официјални информации за тоа што му се случило на авионот, зошто бил изгубен контактот или дали се пронајдени какви било траги од него. Крајбрежната стража на САД ангажираше воздушни и поморски единици додека потрагата продолжува.
Во тек е истрага, а се очекуваат дополнителни информации откако тимовите на терен ќе ја утврдат последната позната локација на авионот и евентуалните индиции што би можеле да фрлат светлина врз неговата судбина.












